април 17, 2021

Готови законските измени: Недела сепак работен ден

Готово е предлог законското решение за недела неработен ден. Министерството за труд и социјална политика состави измени на два закони впрочем – тој за работни односи и Законот за трговија. И со двата предлога се регулира како неделата ќе биде неработен ден и за кого, кои се исклучоците. Објавата за измените веќе се ставени на ЕНЕР – единствениот национален електронски регистар, но целосните предлог измени ќе ги ставеле на страницата за пет дена. Со тоа и официјално ќе почне процесот за носење на овие измени – сепак и во нив стои, како што веќе најави Владата, дека измените ќе важат од 1 јануари следната година односно од стартот на 2022 година.

„Со Предлогот на закон се овозможува создавање на законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор, при што се дозволуваат исклучоци во определени дејности и се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.  Се овозможува и подобро усогласување на приватниот со професионалниот живот, стои во најавата за измените на Законот за работни односи.

Со ова решение се потврдува дека има исклучоци и дека некаде нема да може да се организира работа со недела неработен ден за сите. Меѓу исклучоците се и шопинг центрите, па и за нив неделата ќе биде работен ден. Сепак вработените во продавниците во овие центри ќе добиваат двојна дневница за денот, а ќе се работи во една смена односно само од 10 до 18 часот, како што беше најавено.

Сопствениците пак, ќе треба од буџетот да издвојуваат два проценти за детски градинки.

Со предлогот за измени на Законот за трговија кој исто така се менува, вчера на Енер беше објавено дека впрочем се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки.

„Во рамки на делот за вршење трговија, законот го уредува и работното време на трговците. Согласно постојното законско решение, работното време го утврдува трговецот зависно од бројот на вработените, при што должината и распоредот на работното време што трговецот самостојно го утврдил треба да се усогласат со правата, обврските и одговорностите на вработените од работен однос утврдени со закон со кој се уредуваат работните односи. Со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се врши создавање законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос обезбедување на користењето на ова право, стои во описот на измените.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •