ноември 30, 2021

Ампева: Принудниот одмор на текстилните работници е затишје пред бура

Над 6.000 текстилни работници во земјава се на колективен одмор. Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева во изјава за Курир вели дека остануваат да ја следат состојбата која нималку не е во корист на Штип, источниот регион и градовите каде е застапена текстилната и чевларската гранка.

Вели, ако не се изгласа 5-тиот пакет на економски мерки ќе имаме ужасна ситуација, огромни проблеми со егзистенција на работниците.

-Очигледно е дека текстилните фабрики останаа без работа, поради економско здравствената криза со Ковид 19 која го зафати целиот свет, не само Македонија. Нарачките од странските партнери се запрени, малку се оние брендови кои не запреа со работа. Ова беше очекувано. Ние како текстилна индустрија зависиме од странските партнери и лон производството. Она што го зборевме со години, дека 95% од фирмите во Македонија се зависни од брендовите и немаме менаџерски способности за сопствено производство, дека лон производството е едноставно, но е неплатено, оваа криза го покажа и извади на површина лошото менаџирање и слабостите на лон производите. Останува да се надеваме дека ќе се изгласа 5-тиот пакет на економски мерки, бидејќи во спротивно ќе имаме ужасна ситуација, огромни проблеми со егзистенција на работниците, особено од ваквите ниско платени индустриски гранки. Имаме фирми кои должат по два месеци плата, не се платени придонесите, што значи дека немаат здравствено осигурување, што е исклучително не фер и не човечки во време на ваква здравствена криза. Принудниот одмор е затишје пред бура, особено ако продолжат калкулациите во Собрание од страна на партиите и пратениците, оние кои се избрани од народот, а се однесуваат крајно неодговорно. Не може закон за државјанство да е поважен од работни места и егзистенција на илјадници работници и нивните семејства, вели Ампева за Курир.

Претседателот на Организацијата на работодавачи најави дека можни се отпуштања на вработените со договор на дело во следниот период и прогласување технолошки вишок на вработени. Ампева посочува дека не можат да ја знаат точната бројка на работници кои би биле отпуштени доколку се случи ова сценарио.

-Не можеме да ја знаеме точната бројка. Од страна на колегите од ЗМАИ имаше истражување каде бројката на отпуштени од секторот текстил е 7000 луѓе. Инаку, и досега беа први на удар оние кои ги користеа мерките (бремени, хронично болни, мајки на деца до 10 години), како и оние со договори на определено време. Имаше и многу со незаконски откази, непочитување на договорите за вработување, фалсификувани потписи од страна на работодавачите кај работници на неопределено време. Не се сложувам дека текстилните фирми даваат откази од деловни причини, бидејќи треба да платат опремнина согласно стажот на вработениот кај работодавачот. Тоа е и еден од поголемите проблеми периодов. Имаме стотици работници кои беа принудени да си потпишат спогодбен отказ, да потпишат анекси од неопределено на определено работно време. И сето тоа, за да работодавачите не исплатат она што им следува на работниците при отказ од деловни причини. Ова се деловни причини, а не причини на работникот. Но знаеме дека со децении правата на работникот се на хартија, а ги немаме во пракса во огромен дел, оваа криза исто, извади на површина какви се не злоупотреби се прават на штета на работникот. А додека немаме и институции кои будно ќе следат, интервенираат и не дозволуваат прекршувања на права, ситуацијата ќе продолжи бидејќи неказнивоста од страна на институциите на државата, ги охрабрува дел од работодавачите да ги кршат законите, посочува Ампева.

Посочува и дека состојбата во текстилната индустрија е загрижувачка. Добар дел од вработените се соочуваат со откази, несигурност на работно место, приморани да потпишуваат разни спогодби и анекси на договори, исплати под минимална плата, доцнење на плата, неисплаќање на плата и неплатени придонеси, немање на платено здравствено осигурување.

-Од друга страна, имаме покачени цени на производи, луѓето каснат со исплата на рати од кредити кон банките, сметките, имаат зголемени трошоци, а немање на редовна плата. И повторно, катастрофална е неодговорноста на поедини пратеници и политички партии да си играат со човечки судбини. Забораваат поради кого се на тие функции и благодарение на кого ги уживаат нивните привилегии и земаат високи и редовни плати. Си играат со трпението на граѓаните и фирмите, па треба да се запрашаат дали може оваа ситуација да ескалира поради нивната неодговорност. Итен е сетот на мерки, државна помош кон граѓаните и фирмите, се останато е популизам, неодговорност и играње со човечки судбини, нагласува претседателката на „Гласен Текстилец“.

Сподели
 
 
 
   more