април 14, 2021

Саскање


Министерот за здравство денес даде две изјави кои, во најмала рака, ме вадат од кондури. Првата е дека граѓаните по сопствена волја се лечат по приватните клиники, а втората е дека приватните клиники не сакаат да ги спуштат цените на услугите.

Какви се овие непристојни изјави на еден министер (латински – подреден, слуга)?! Јасно, целта е да се префрли одговорноста од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на приватните клиники, и да ги насаска граѓаните да ги колнат приватниците. Едноставно, да се сокрие сопствената неспособност. И да признаам право, од коментарите на социјалните мрежи можам да заклучам дека голем дел од нашите сограѓани се уште се палат на вакви изјави и впечаток е дека во секој момент ќе тргнат со молотови коктели во напад на приватните болници.


Капак на сè, пред малку го слушам директорот на штипската клиника дека и после една година од почеток на пандемијата луѓето таму сè уште, секојдневно, на раце разнесуваат боци со кислород. На цела мака, м’кнат боци кои тежат по 50 кг по скали до најгорните катови, бидејќи и лифтовите не работат. Врв!

Ќе ја искористам оваа прилика јас да му поставам неколку прашања на Филипче, бидејќи јас го плаќам него без да имам избор, а приватните клиники си функционираат на пазарни основи:

  1. Колку време ви треба за да пуштите цевки по државните болници и да изградите резервоари за кислород?
  2. Зошто 80% од направените ПЦР тестови се прават во приватните клиники и лаборатории?
  3. Каде се 80 милиони евра заем од Светска банка за справување со пандемијата?
  4. Зошто вие не ги намалите придонесите кога веќе не сте способни да дадете услуга која сте должни да ја дадете со закон?
  5. Зошто не им дадете договори на сите приватни клиники?

Министре, нашите придонеси за здравствено осигурување не ги собираат приватните клиники, туку Фондот. Затоа, уште еднаш би ве замолил – помалку пресови и ишкање на мувата од капата, повеќе работа. Не е срамота човек да греши, туку да не научи од сопствените грешки. Цената е висока – човечки животи!

Автор: Стефчо Негриески

Прочитајте ја и мојата претходна колумна на тема здравство тука.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •