Влада: По пандемијата нов јавен оглас за итен хеликоптерски тим за спасување

Поради пандемијата од ковид 19 првичниот договор за јавно – приватно партнерство пропадна, но Владата не се откажува од итниот хеликоптерски тим за пребарување и спасување и веднаш по завршувањето на здравствената криза повторно ќе биде распишан јавен оглас, изјави на прес-конференција владиниот портпарол Муамет Хоџа.
– Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организациска платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република Македонија и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е раскинат со одлука на 26-та седница на Владата. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни – државата и операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата и затоа е раскинат, соопшти Хоџа.
За трагичниот настан со 63 годишниот Златко Божиновски посочи дека од ЦУК и од МВР е побарано да се спроведе внатрешна контрола за проверување на надлежните службеници за случајот. Интенцијата е расчистување на случајот, итно лоцирање на одговорноста и соодветни мерки, рече Хоџа.