Ангелов: Не сум дезертер, ќе го реформирам ЦУК, отворена нова линија за помош – 112

Оставка за мене не е опција тоа е дезертирање. Во наредните шест месеци има многу работа која треба да се сработи за да се отстранат слабостите. Доколку Владата побара од мене одговорност јас ќе ја профатам, истакна директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов
Според него Комисијата на Центарот за управување со кризи работи на расветлување на случајот кој ја потресе целата јавност и укажа на слабостите на целиот систем за справување со кризи.
– Ги бараме пропустите, бараме одговорност, но крајната цел е истите да ги отстраниме за да не ни се повторат во иднина. Доколку се утврди вина кај некој од учесниците во целата оваа постапка ќе биде покрената дисциплинска мерка. Во овој момент од страна на Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување што претставува кршење на стандардните оперативни процедури за што следи дисциплинска постапка. За целосно расчистување на случајот одговорноста која неспорно постои и кај нас ќе ја бараме и на други места, истакна Ангелов.
Тој додаде и дека денеска се поднесени и официјални формални барања до Министерството за здравство, до Министерството за внатрешни работи и до Министерството за локална самоуправа да одговорат на неколку прашања чии одговори би довеле до целосната вистина.
Директорот на ЦУК вели дека средувањето на состојбите во ЦУК ќе биде сложен и долготраен процес за кој како што рече останува посветено да го заврши.
– Владата е свесна за слабостите во целиот систем кој што го сочинува ЦУК и сериозно работи на отстранување на истите. За да не ни се случува ова и во иднина изминативе неколку месеци работиме на воспоставување и имплементација на повикувачкиот европски број 112. Се работи за линија на која било кој граѓанин ќе добие било каква помош за која што има потреба, вели Ангелов.
Од ЦУК соопштуваат и дека од канцеларијата на Европската Унија донирани се средства за набавка на опрема, како и за обука на лицата кои што ќе работат на повик на овој број.