ноември 30, 2021

Енис Барди под истрага на полицијата – возел со фалсификувана возачка, тој вели валидна е, издадена од МВР

Македонскиот фудбалски репрезентативец и член на шпанскиот клуб Леванте Енис Барди е под истрага на полицијата во Валенсија и осомничен е дека возел со фалсификувана возачка дозвола.

Информацијата ја објави локалниот весник „Лас Провинсианс“, кој повикувајќи се на полициски извори тврди дека Барди бил сопрен при рутинска полициска контрола на 5-ти април.

Кога извршиле проверка на возачката дозвола со ув ламба, полицискиот службеник му рекол на Барди дека документот е фалсификат.

Возачката му е одземена, неговото возило го одвезол пријател, а според весникот Барди соработувал со полицајците. Нешто подоцна, самиот фудбалер се огласи на социјалните мрежи на кои напиша дека возачката дозвола која ја покажал на 5-ти април на полицијата е валидна и издадена во Македонија.

Како што вели тој, целата документација ја проследил до локалната полиција таму, а возачката е издаден од страна на МВР во Македонија.

Со ова како што вели Барди сака да се разјасни целата ситуација. Сега случајот го презема судот во Валенсија, а по целата истрага треба да се утврди дали возачката е фалсификат или не.

Сподели
 
 
 
   more