април 18, 2021

„Брако“ ги изгради модуларните болници ширум Македонија, освен во Ресен

„Брако“ веќе го наплати поголемиот дел од монтирањето на модуларните болници и нивното опремување, откако преку посебна сметка за итно справување со КОВИД-19 на Министерството за труд и социјална политика веќе му се префрлени 3,62 милиони евра на добитникот на меѓународниот тендер.

По добиено одобрување од Светка банка, на истекот од минатата година со велешката компанија беа потпишани два договори за набавка на модуларните болници и за набавка на мебел и немедицинска опрема.

„На двата јавни повици најниска понудена цена доставена е од Брако ДОО Импорт-Експорт, Велес, Република Македонија, со тоа што на меѓународниот тендер за модуларните болници оваа компанија учествуваше со заедничко вложување со друга компанија

Вкупната вредност на двата договори изнесува 287.371.490,00 денари. Како што ѝ е познато на јавноста во градовите Гевгелија, Струмица, Куманово, Кичево, Струга, Гостивар, Штип, Велес, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Кочани, Скопје – Козле и Дебар веќе се инсталирани и опремени модуларните болници. Додека во Ресен и Тетово инсталацијата е во тек. Досега се исплатени 223.076.984,00 денари“, гласи одговорот од Министерството за труд и социјална политика.

Повикот за набавка на 17 модуларни монтажни болници преку заем од Светска банка беше објавен лани во октомври преку “United Nations Development Business”, како и повикот за набавка на мебел и немедицинска опрема за опремување на модуларните монтажни контејнери.

– Процесите на набавка се спроведени согласно набавните методи “Меѓународен отворен тендер” и “Национален отворен тендер”, согласно “Прописите за набавки на Светска Банка за финансирање на инвестициски проекти (ФИП) – набавки за ФИП за стоки, градежни работи, неконсултантски и консултантски услуги, (Прописи) од јули 2016 година, ревидирано во ноември 2017 година и август 2018 година”, додаваат од МТСП.

Од Министерството за здравство пак велат дека во изминатиот период последователно се пуштени во употреба сите модуларни болници, освен таа во Ресен.

-Сите модуларни болници се ставени во функција освен модуларната болница во Ресен која е во завршна фаза на поставување. Наскоро ќе се пушти и модуларната болница во Ресен, информираат од министерството.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •