април 14, 2021

ФИЛИПЧЕ: АНТИТЕЛАТА НЕ СЕ ДОКАЗ ДЕКА ТЕЛОТО ИМА ИМУНИТЕТ НА КОВИД-19

Антитeлата не се репер за тоа дали некој треба да добие вакцина против ковид-19, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Од денеска  во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје почна масовната вакцинација со руската „спутник“ за граѓани од критичната државна инфраструктура. Во здравствените домови низ земјава се вакцинираат лицата над 77 години со вакцината на „АстраЗенека“. Во земјава како оздравени од ковид-19 се водат 109.297 лица.

„Нема долна граница, дополнително зависи од тоа апаратот на кој се работи и од институциата. Тие варираат. Во принцип, ставот е дека треба да поминат два или три месеци од прележувањето и после може да се прими вакцина. Ставот е дека и само антителата не се доказ дека телото има имунитет против вирусот. Некогаш останува таканаречениот клеточен имунитет, а тоа значи дека веднаш кога ќе дојде повторно во контакт организмот ќе почне да лачи антитела кои во даден момент можеби се немерливи“, одговори министерот на новинарско прашање за тоа кога може оздравените од ковид-19 да се вакцинираат.

Од истите причини, проф. д-р Александра Грозданова, од Националната техничка група за ковид-19 вакцинација, во интервју за емисијата „360 степени“ минатата недела укажа и на тоа дека нема потреба граѓаните да се тестираат за антитела, оти со тоа дополнително се оптоварува ионака оптоварениот здравствен систем.

„Во моментов, вкупната бројка на вакцинирани граѓани е 10.000. Денеска започна вакцинација во А1 Арената Борис Трајковски, каде на еден час се вакцинираат по 300 граѓани, предвидено е околу 3.000 граѓани да се вакцинираат на ден, оптимално бројот може да биде и 7.000 во следниот период согласно доаѓањето на вакцините. Вакцинацијата непречено се одвива и на сите пунктови каде се вакцинираат повозрасни граѓани низ државата“, рече денеска Филипче.

Министерот заедно со премиерот Зоран Заев, заменик-министерот за здравство Или Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски соопштија нови мерки против ширењето на ковид-19. Од утре полицискиот час ќе почнува во 20 часот, а од среда ќе се затворат угостителските објекти.

На граѓаните, кои извршиле вакцинација во центрите за вакцини за временскиот период непосредно пред започнувањето на забраната и посебниот режим на движење, им се дозволува враќање до своите живеалишта, престојувалишта, врз основа на потврда за извршена вакцинација.

Досега се вакцинира околу 3.00о лица постари од 77 години и 7.000 здравствени работници.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •