октомври 22, 2021

ВМРО-ДПМНЕ: МВР издало легални пасоши на балкански нарко босови со украдени идентитети од живи Македонци

Мафијашкиот бос влегува во полициска станица, се слика за пасош, МВР издава пасош на тоа лице со реална фотографија, но со позајмен идентитет од друго лице кое претходно е одбрано од безбедносните структури. Имаме сериозни индиции дека такви пасоши има најмалку 200, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најмалку двесте пасоши со украдени идентитети издало македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) на познати балкански нарко-босови и криминалци, откри денеска ВМРО-ДПМНЕ во скандалот именуван „Мафија“. Со ова, носителите на власт, премиерот Зоран Заев и министерот задолжен да го гони криминалот, Оливер Спасовски ја ставиле на располагање целата државна апаратура на балканските криминални структури кои важат за најсилни во Источна Европа.

Во периодот од декември 2017 до јануари 2021 година издадени биле оригинални македонски документи на шефови на повеќе нарко-картели заради непречено патување и престој во странство.

– Аферата „Мафија“ е потврда дека државата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко-босови барани поради организиран криминал, наркотици, убиства, насилство. Постои организирана мрежа на изработка и издавање патни исправи на високи мафијашки структури. Се работи за легални пасоши, изработени и издадени од МВР, но со украден идентитет од внимателно одбрани лица кои подолго време не користат пасоши и исти такви документи, но со украден идентитет, низ легална постапка добиле најголемите балкански мафијашки босови – откриваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму објаснуваат како точно се одвивала операцијата, а посочуваат и дека такви пасоши има најмалку 200.

– Мафијашкиот бос влегува во полициска станица, се слика за пасош, МВР издава пасош на тоа лице со реална фотографија, но со позајмен идентитет од друго лице кое претходно е одбрано од безбедносните структури. Имаме сериозни индиции дека такви пасоши има најмалку 200, а де факто во оваа афера свиркач достави такви патни исправи за двајца, и тоа не било кои, туку најголемите нарко-босови во Источна Европа – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што посочуваат, такви исправи издадени од МВР имал водачот на озлогласениот Шкаљарски клан, Јован Вукотиќ, чиј мафијашки клан, заедно со Кавачкиот, се едни од најмоќните криминални структури на Балканот, кои ја контролираат трговијата со дрога.

– Првиот е Јован Вукотиќ, а вториот кој има таков документ е водачот на турската мафија Седат Пекер, кој до неодамна беше во државата, се сликаше со политичари од власта и кој наводно официјално беше протеран. Аферата „Мафија“ има сериозни импликации и од регионален карактер. Србија отвори војна против криминалните испостави на овие два клана, чии водачи се во Црна Гора, додека Ердоган е во отворена војна со Пекер кој зел македонска лична карта откако официјално бил протеран од државава. Со други зборови, Владата на Заев и Спасовски овозможиле закрила, безбеден обрач на балканските мафијашки босови – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •