април 14, 2021

Протекоа личните податоци за половина милијарда корисници на Фејсбук

На Интернет денеска се појавија личните податоци на над половина милијарда корисници на Фејсбук и уште еднаш укажаа на тешкотиите што оваа компанија ги има со складирањето на чувствителните информации, пренесе Блумберг.

Американската агенција наведува дека информациите што протекоа ги вклучувале телефонскиот број, идентификацијата на Фејсбук, целосното име, локација, претходни локации, датум на раѓање, е-пошта, приватен статус и биографија.

-Чувствителните лични податоци се појавија на хакерски форум, претставувајќи потенцијален ризик за милиони трговци со криптовалути и луѓе кои сега можат да бидат ранливи на разни напади преку Интернет, вели Алон Гал, технички директор на фирмата за безбедност „Хадсон Рок“, кој овие информација ги објави претходно денеска на Твитер.

Гал тврди дека протекувањето на податоците е поврзано со безбедносна грешка, што за првпат била откриена во 2019 година, а во јануари 2021 година било утврдено дека хакерите, исто така, можеле да ги користат информациите за пристап до телефонските броеви на корисникот.

Според Гал, информациите сега можат да бидат корисни за хакерите за разни видови измами, како и за да им служат на маркетинг цели.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •