јули 22, 2021

Град Скопје покрена постапка пред Антикорупциска за Коце Трајановски

Град Скопје поведе постапка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) против поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски.

Градските власти во барањето наведуваат дека се работи за случај на прекршување одредби од склучен договор исплатен од Буџетот на Град Скопје со цел водење политичка кампања за локални избори. Постапката е поведена минатата недела.

„Откако минатата недела ВМРО-ДПМНЕ обвини за корупција во Договорот со дроновите, ги пребаравме сличните договори што ги склучувал Градот и видовме дека во 2017 година Градот склучил петпати поскап договор од оној во 2016 година. Клопчето почна да се одмотува. Разгледувајќи ги доставените материјали забележавме дека ни се познати и ги најдовме кадрите дека се користени во изборен спот на ВМРО-ДПМНЕ, на Коце Трајановски“, велат за МИА од Град Скопје.  

МИА за ова побара став и од поранешниот градоначалник на главниот град, Коце Трајановски, кој смета дека се работи за негова политичка дискредитација.  

„Ниту јас, ниту Град Скопје, односно институцијата со која раководев до октомври 2017 година не го нарачала, ниту изработила тој спот и се што сум работел до крајот на мандатот било согласно законските прописи. Затоа за бараните информации треба да се обратите кај тој што го изработувал тој видеозапис. Очигледна е намерата на актуелната градска власт за моја политичка дискредитација во недостиг на исполнување на ветувањата за кои беа донесени на власт“, навел Трајановски во писмената изјава.  

Во барањето за поведување постапка се наведува дека на 13 април 2017 година Град Скопје, во својство на договорен орган, склучил Договор со „Енигма Солушн ДООЕЛ“ како носител на набавка за видео снимање на секојдневна и месечна основа и видео-фото документација за потребите на Град Скопје.

По сознанијата до кои сега дошол Град Скопје, дел од видеоматеријалот, предмет на овој договор е искористен во видеоспот како платена политичка програма во 2017, од страна на тогашниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.  

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •