јули 25, 2021

Стејт департментот го демантира Маричиќ

Извештај на Стејт Департментот на САД за почитување на човековите права во Македонија во 2020 година нотира дека истрагите во судството се одолговлекуваат, роковите се пробиваат, постои притисок на судиите, одложувана правда, несоодветно финансирање на судството и судството станува подложно на политичко влијание и слаба поддршка од јавноста.

Додека министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека Македонија доби еден охрабрувачки извештај за состојбите со човековите права извештајот на Извештај на Стејт Департментот го демантира Маричиќ.

На денот на правосудството добивме уште еден охрабрувачки извештај за состојбите со човековите права – вели Маричиќ.

Случаите на судско несоодветно однесување, прекумерен притисок врз судиите, одложената правда и неадекватно финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите и влијае врз јавната доверба во правосудството – се вели во извештајот на Стејт Департментот.

Во делот на апсењата и третманот на приведените, во извештајот се нагласува дека обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици. Во однос на поглавјето – корупцијата и отсуството на транспарентност се нагласува дека Македонија направила добар напредок во сферата на истрагите и прогонот на случаите на корупција на високо ниво. Во документот се пренесува и ставот на невладините дека доминантната улога на владата во екомомијата создала можности за корупција.

Законот предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица. Владата генерално го спроведуваше законот, но постојат извештаи дека официјални лица биле вмешани во корупција, се додава во извештајот.

Подобро справување во борбата со корупцијата очекува и заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Палмер, кој за Гласот на Америка оцени дека од тоа ќе зависи и колку утре НАТО членките би инвестирале во Македонија.

Колку подобро Владата се справи со корупцијата, толку повеќе овој проблем ќе го стави под контрола, и повеќе други држави, вклучувајќи и НАТО сојузници, ќе гледаат на Македонија како место во кое ќе сакаат да инвестираат, ќе веруваат дека договорите ќе се почитуваат, каде нема да бидат подмитувани, и каде ќе имаат разумен повраток од инвестицијата во средина во која има предвидливост, вкучително и во делот на судството – рече Метју Палмер заменик-помошник државен секретар на САД.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •