април 14, 2021

ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО СЕ СПРОТИВНИ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ДРЖАВЈАНСТВО И НА СИТЕ ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ

Измените на Законот за државјанство, предложени од Алијанса на Албанците, со кои се предвидува намалување на потребниот период, едно лице законски и постојано да живее на територијата на Република Македонија, за да се стекне со државјанство со природување, се спротивни на уреденоста на оваа област во законодавствата на сите земји од регионот, земјите членки на ЕУ, каде е предвиден регулиран престој од најмалку 8 години па нагоре.

Во Конвенцијата за државјанство, која Република Македонија ја има ратификувано е наведен рок не подолг од 10 години, период на престој пред поднесување на барањето за стекнување на државјанство со прирордување. Оваа горна граница ја следат очигледно сите останати држави, сите циркулираат околу горната граница. Сето тоа е бидејќи државјанството треба да биде израз на највисок степен на интегрирање на странецот во општеството. Ако се водиме од кмапаративната анализа, тоа значи дека лицето треба претходно да се стекне со дозвола за постојан престој, па потоа да добие државјанство. Вака со скратувањето на тој период на само 4 години се деградира постоењето на институтот ДОЗВОЛА ЗА ПОСТОЈАН ПРЕСТОЈ.

Со предложените измени не се докажува ефективна врска на засегнатото лице со Република Македонија, СПРОТИВНО НА ЧЛ 18 СТ 2. ТОЧКА А – ОД КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ДРЖАВЈАНСТВО. Се остава простор за прешироко толкување. Особено што условите за стекнувањето на државјанство при државна сукцесија се предвидени во Конвенцијата за државјанство со цел избегнување на состојба на бездржавјанство.

По 30 години од распадот на Југославија, да се бара државјанство по основ на државна сукцесија е налудничаво, со оглед на тоа дека тие лица веќе стекнале ефективна врска со друга држава и веќе живеат на друга територија, следствено не се лица без државјанство. Во предложените измени не се наведува на кој начин тоа лице ќе ја докаже ефективната врска со Република Македонија согласно наведениот член од конвенцијата. Дали тоа ќе треба да го утврди државата, на кој начин, дали тоа лицето ќе го докажува, какви докази лицето треба да приложи, дали тројцата сведоци предвидени во измените треба да докажат веродостојност на доказите, ниту дали тие сведоци може да ја докажат таквата врска?!

Целиот процес на докажување на таа вистинска и ефективна врска со РМ, се остава на една обична изјава на тројца сведоци, фактички државниот систем не постои и тој може само да констатира дека лицето се стекнува со државјанство. Недозволиво, прелесна формулација, компаративно никаде непредвидена досега.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •