април 16, 2021

На државен тендер може да купите било што по било која цена, но едно не можете

Стефчо Негриески

И еве бидејќи на Рашковски му заврши одморот во Мексико, а вицепремиерот за борба против корупцијата и премиерот велат дека тендерот за набавка на софтвер за МВР е законски спроведен, решив да фрлам едно око на достапната документација за овој тендер на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Сега и Рашковски нема да може да приговара дека го р’чкам во време предвидено за  одмор. На ЕСЈН, на човек кој што поседува искуство во јавните набавки, доволни му се пет минути за да утврди незаконитост по најмалку два закона и тоа, Законот за јавни набавки (ЗЈН) и Законот за спречување на судир на интереси (ЗССИ). Да почнеме со ред.

Што мислат Заев и Николовски кога тврдат дека тендерската постапка е законска?

Реално, ништо. Постапката е законска од аспект на почитувани рокови во постапката, постои тендерска документација, постои оглас за јавна набавка, со една фраза задоволена е формата од ЗЈН, но никако суштината. Да почнеме со член 4 од ЗЈН – односно начелото на економичност, ефикасност и ефективност, кој вели „ Договорниот орган ги спроведува јавните набавки на начин што ќе обезбеди економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства и успешно остварување на целите на своето работење, утврдени во согласност со прописите кои го уредуваат користењето на буџетските и другите јавни средства.“ Веднаш се поставува прашањето, дали Генералниот секретаријат на Владата (ГС), како цели на своето работење ги има безбедноста во сообраќајот или казнување на несовесните „брзи“ возачи?? Преведено, дали ГС има потреба од  ваков софтвер заради остварување на своите ингеренции? Секако дека нема. Тие ингеренции ги има МВР, согласно Законот за безбедност во сообраќајот.

Да ја разгледаме сега малку и Тендерската документација, односно какви услови предвиделе во ГС за селекција на компаниите кои ќе поднесат своја понуда. Во точка 2.3. од обрасците за Тендерска документација, кои патем се и подзаконски акти од областа на јавните набавки, празно. Единствен критериум за квалитативен избор е понудувачот да биде регистриран за дејноста поврзана со предметот на набавка во оваа постапка, што е  ултимативен критериум и за набавка на тоалетна хартија. Никакви критериуми за докажување на економската и финансиската состојба на понудувачот (пр. минимален годишен приход во последните три години), техничка или професионална способност (пр. со оглед на предметот на набавка дали понудувачот има вработено или би ангажирал софтвер девелопер со определени способности и стеканати сертификати), нити па стандарди за системи за квалитет кои во вакви набавки се обврзувачки, со оглед дека софтверот ќе обработува лични податоци (пр. ISO 27001). Сето ова, мене ми укажува дека компанијата која што била таксана да го добие тендерот, не исполнува никакви критериуми за да биде Носител на набавка во ваков тендер, па буквално тука Тендерската документација е направена како да се купува тоалетна хартија. Она што го потврдува мојот сомнеж дека се работело за веќе готово софтверско решение, е и рокот за креирање на еден ваков софтвер од цели 5 месеци. Би било смешно некој, па и лаик во оваа област, да помисли дека еден ваков софтвер може да се развие, истетстира и пушти во функција за толку краток период. Истово е лесно докажливо, доколку „двата“ софтвера му ги дадете на било кој поискусен девелопер да ги спореди.

  • Што пишува во договорот за јавна набавка?

Не многу, но и она што е напишано не е испочитувано. За набавка од 80 илјади евра, Драги Рашковски склучил договор со избраната компанија од цели, замислете, страница и половина. Многу се намачиле пишувајќи го договорот, сигурно оделе и прекувремено на работа во Владата. Се шегувам секако. Од тие неколку општи одредби, најважен е секако членот 3 – Начин и рок на плаќање кој предвидува дека „Договорните страни се согласни плаќањето да се изврши по доставена фактура, извештај за реализација на услугата и записник за примопредавање на имплементираното решение во рок од 60 дена од денот на приемот на фактурата, во архивата на Договорниот орган.“ Линк до договорот:

Но, имплементирано решение не постои, затоа што ГС и нема каде да го имплементира, освен ако Рашковски не планирал да стане началник за безбедност во сообраќајот во МВР. Ова го призна и премиерот во една изјава, а ГС објавиле Известување за реализиран договор (што значи дека набавката е веќе и платена), на ден 19.11.2020 година, и во истото пишува дека договорот е реализиран 100 %. Линк до Известувањето за склучен Договор:

  • Што се случувало од аспект на судир на интереси и корупција?

Одозгора не погоре изнесените незаконитисти, Драги Рашковски е во класичен судир на интереси, со оглед дека е и креатор на софтверското решение кое го патентирал. Впрочем самиот си го ставил во својата биографија.

Еве што вели Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси: „Под судир на интереси се подразбира состојба во која службено лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“. Членот 57 од Законот пак,  забранува влијание  во постапките за јавни набавки „Службено лице не смее да врши незаконско влијание во постапка за јавна набавка“, она што во суштина Рашковски го направил во точка 1 и 2, однсосно несомнено извршил влијание непотребна набавка да влезе во Годишниот план за јавни набавки (оваа набавка е подоцна вметната во Годишниот план), за на крај и да го  потпише договорот за јавна набавка. Законот за јавни набавки, заради спречување на судир на интереси, предвидел дека одговорното лице во договорниот орган, пред потпишување на Одлуката за избор предложена од страна на Комисијата за јавни набавки, потпишува Изјава за непостоење на судир на интереси, во која под целосна морална, материјална и кривична одговорност, изјавува дека не е во состојба на судир на интереси и нема приватен интерес при реализација на истата или било каква друга материјална и нематеријална корист за себе или за негови блиски лица. Значи, постои и кривична одговорност, но тоа ќе го оставиме на обвинителството да го сработи.

Заклучок: Се работи за постапка за јавни набавки во која се прекршени неколку закони, а на крај оштетен е Буџетот на Република Македонија. Ние кои работиме во јавните набавки, ова го нарекуваме договорен тендер. Дури нашле и други две фирми за да глумат божемна конкуренција. И ова не му е прв пат на Рашковски да го пика носот кај што не му е местото. Сетете се само на тендерот за набавка на систем за контрола на летање каде исто така немаше никакви ингеренции во постапката, а сакаше да оствари влијание врз Комисијата за јавни набавки. Но, и еден друг тендер на ГС помина тивко, тоа е тендерот за набавка на лиценци за софтвер, за кои беа платени 15 милиони евра.

Секако, со ова писание не сакам да му го оспорам знаењето или квалитетите на Рашковски како софтвер девелопер, напротив честитки за тоа, но да станеш државен функционер и од другата страна да си купуваш свои производи е фарсично. За тоа, треба да сноси прво морална одговорност, потоа кривична и на крај доколку судот утврди извршување на кривично дело, и материјална одговорност за народните пари фрлени во ветар.

П.С. Ќе заборавев. На државен тендер сепак не можете да купите доверба по ниту една цена.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •