Пописот утре сепак формално ќе почне (видео)

Ако се следи постојниот Закон за попис, процесот утре треба да почне, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ во гостување на Сител. Според него, ако попишувачите излезат утре на терен и обезбедат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
„Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности утре тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега. Нам ни е целта суштински да го направиме пописот. Жалиме што не успеавме вечерва да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива“, рече Маричиќ.
На собраниска седница денеска се очекуваше да се одложи пописот за септември, но по долга координација кај спикерот Талат Џафери, немало договор за да се закаже седницата. Доколку услови се создадат, седницата ќе биде закажана за утре.