јули 27, 2021

Франција ќе финансира проекти на Македонија за да влезе побргу во ЕУ

Регионалниот директор на Француската агенција за развој на Западен Балкан,  Доминик Отберг, ја презентираше денес во македонското МНР новата стратегија за поголемо присуство на Франција и за побрз економски и социјален развој на Македонија – што ќе ни ја отвори побрзо вратата во Европската унија.

Според Отберг, Агенцијата ќе располага со фонд од две милијарди евра за целиот регион, или на годишно ниво ќе финансира проекти во вредност од 200 до 300 милиони евра. Тие пари ќе бидат дадени како буџетска поддршка на владите  за спроведување на јавните политики во економијата, социјалната заштита, урбаниот развој, животната средина, за енергетската ефикасност, родовата заштита и слично, за да донесеме соодветно законодавство при преговорите за различни подрачја.

Покрај овие сретства, тој најави и заеми за јавните претпријатија и за локалната самоуправа, како и насочување кон нас на сретства добиени како субвенции од Унијата, кои ги опиша како „стотици милиони евра, а наскоро и милијарди“. 

Досега ваква финансиска и инвестициска поддршка била дадена на Албанија и на  Србија,а сега на ред дојде Македонија. Според Отберг активностите во Македонија задоцниле бидејќи првично проектот бил наменет само за Албанија, а подоцна бил проширен за целиот регион. исто така влијание имале предвремените избори во Македонија и техничката влада, кои придонеле да се одложи потпишувањето на меѓувладиниот договор кој отвора врата за активностите. 

-Тука сме сега за да ги идентификуваме потребите, рече Отберг, нагласувајќи дека француската Агенција за развој е присутна во 115 земји, а еве сега и во Македонија. Според него, подготвени се да делуваат брзо и преку партнерство и соработка да ги идентификуваат приоритетните проекти.

Амбасадорот Сирил Бомгартнер дополни дека Франција сака да е поприсутна во оваа земја и дека за таа цел потпишале договор со нашата влада кој ќе им овозможи да почнат со активностите веднаш.

-Железото се кове додека е жешко. Сакаме да ја покажеме нашата желба за конкретна соработка, порача амбасадорот, додавајќи дека целта на стратегијата е воспоставување вистинско партнерство на патот на евроинтеграцијата. 

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •