јули 24, 2021

Трифун Костовски најавува нов портал – “Човекот пред се”

Почитувани пријатели,

Со големо задоволство ве известувам дека многу наскоро ќе го отвориме порталот ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ.
Крајната визија на овој портал ќе биде да придонесе во креирање на модерно, праведно и просперитетно општество. Владеењето на правото, слободата на изразување и безбедноста на граѓаните од сите аспекти на нивното живеење е врвната цел кон која ние како портал ќе се стремиме.
Истакнувајќи го човекот како основна клетка на секое општество, и е најголема инвестиција на родителите и целото општество во кое живееме. Човекот кака поединец сакаме да го инспирираме и поттикнеме со својата иновативност и посветеност да биде вистински креатор на современа држава каде ќе ги ужива сите благодети озаконети со закон и привилегии дадени од Бога.
На порталот ќе отвораме низа дебати коишто ќе бидат патоказ како треба да го трасираме патот кон иднината. Исто така, редовно ќе можете да ги прочитате моите ставови за дневни актуелни прашања, споредени со ставовите на власта и опозицијата.
Имајќи ја оваа визија како крајна цел кон која се стремиме, нашата и вашата мисија треба да биде активно учествување со давање предлози, идеи и акциски планови како најбрзо и најлесно да стигнеме до посакуваната цел.
Сета мудрост во општеството не лежи во поединецот, туку во здружени поединци кои имаат заеднички цели и заеднички сплотени, детерминирани да стигнат до таа цел.
Иновативноста на овој портал ќе биде токму во тоа што ќе можеме да го слушнеме и гласот на обичниот човек за неговите потреби и неговите размислувања, гласот и мислењето на интелектуалниот свет и на база на сите тие ставови да утврдиме што е тоа што можеме да очекуваме во блиска и далечна иднина.
Фундаментот на којшто ќе биде поставен порталот „Човекот пред сè“ е Република Македонија како независна држава и ние Македонците како луѓе со посебна национална припадност, традиции, култура, историја.
Ова значи дека тргување со нашиот национален идентитет нема и нема да прифатиме. Нашиот концепт ќе биде во креирање на добрососедски односи врз основа на заемна почит, соработка и креирање на заедничка иднина на сите земји во нашето опкружување посебно, како и креирање на иднината на целиот Балкан.
Почитувани пријатели, ве покануваме да ни се придружите во остварувањето на оваа наша и ваша визија која е суштинска потреба, а со мисијата заеднички ќе се потрудиме на посакуваната цел да стигнеме час поскоро.
Убедени сме дека со ваквите наши ставови ќе ги иритираме актуелните владини политики, бидејќи од досегашното искуство на практикување на власта во Македонија, се покажа дека ниту една Влада не сака да биде посочувана како кочничар во нашата Република Македонија. Личните и партиските интереси нема да дозволиме да бидат над државните интереси и интересите на граѓаните.
Бидете храбри и одважете се. Молкот е најголемиот непријател во креирањето на напредно општество.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •