април 14, 2021

Груби: Американски „Бехтел“ ќе го гради Коридорот 8

Владата ќе потпише Меморандум за соработка за изградбата на Коридорот 8 со американската компанија Бехтел Енка, соопшти денеска првиот вицепремиер Артан Груби кој преседавал денеска на седницата на Влада. 

Потпишувањето на меморандумот е утре во Скопје а тоа ќе значи дека оваа компанија ќе треба и да го гради автопатот долж овој коридор односно Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево и Требениште – Струга- Ќафасан.

Првиот вицепремиер Артан Груби претходно на 19 март годинава објави и дека остварил средба со претседателот на компанијата „Бехтел“ одговорен за глобални политички и надворешни работи, Стујард Џонс, поранешен висок службеник на американскиот Стејт Департмент.

„Заедно разговаравме за можноста за вклучување на познатата компанија „Bechtel“ во изградбата на Коридорот 8. Модернизацијата на Коридорот 8 и неговата реконструкција е од особено значење за Република Македонија поради нејзината регионална поврзаност и соработка, како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од големо економско значење за земјата“, објави Груби.

Медиумите пишуваа дека „Бехтел“ е најголемиот американски контрактор, но зад себе има историја на спорни, односно неисплатливи и недовршени изградби преку директни договори во Косово, Хрватска и Романија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •