април 16, 2021

Наум Пановски: Во Македонија владее волјата на нејзините непријатели, волјата на фамилиите што наизменично доаѓаат на власт

Македонија мора радикално да се соочи со себе и да се пресмета со своите заблуди, од својот паразитизам, да се ослободи од сиот тој самодеструктивен баласт, да се ослободи од ова зло што ја разјадува државата однатре, и најважно, да се ослободи од примитивизмот и диктатурата и на македонскиот и на албанскиот етноцентризам и клерикализам. Македонија мора да се извлече од наметнатиот коњски ам, кој ја зароби и ја претвори во бинационална државна заедница, со октроирано име и октроиран устав, и да се врати, односно да ги обнови од корен вистинските хуманистички, етички и граѓански вредности, вели во интервјуто за МКД.мк д-р Наум Пановски, професор по хуманистички науки и уметности, режисер што откако ја напушти Македонија, веќе 30 години живее во САД.

Никогаш не ги прекинавте врските со Македонија и регионот. Активен сте и како режисер, сценарист, колумнист и активист во целиот регион. Што мислите за состојбите во Македонија?

– Не е едноставно ни од внатре, а ни од надвор да се следат состојбите и деструктивните процеси што придонесоа Македонија да ја нема веќе. За жал, Македонија не постои веќе. Да, токму така. Многумина и таму кај вас внатре тоа го гледаат и го знаат, а и на многумина надвор од Македонија, раселени низ целиот свет, тоа им е сосема видливо и јасно. Разликата е во тоа што поголем дел од луѓето што живеат во Македонија се збунети, замаени и шашардисани од сето тоа што се случува. Најголем дел од луѓето го гледаат сето тоа и го чувствуваат на своја кожа, скапо го плаќаат, но од опортуни и себични причини, лицемерно затворат очи пред тие процеси на сеопшто разградување на Македонија и се залажуваат дека утре некоја сила од надвор ќе дојде и ќе ги спаси. И сето тоа срамно затворање очи, тој ескапизам од реалноста, или пак повладување на состојбите, се случува само и само од немање интегритет и личен капацитет да се фатат во костец со злото околу нив, кукавички и неморално ги бранат своите наследени привилегии и ги оправдуваат своите бесрамни постапки криејќи се зад своите „храбри“ изјави: „Па види сега, имам деца и внуци за гледање“ или „па од нешто мора се живее“. Како многумина од нас што целиот свој живот сме се бореле за демократија и против авторитарните властодршци, и кои сме удриле на маса во нивните кабинети или сме им треснале врата во знак на несогласување и бунт против нивното непримерно однесување, како ние да не сме имале или да немаме деца. Но сме го презеле и ризикот, а и ги сносиме последиците од тие постапки и казните за нашиот бунт. Но мислам дека сме го сочувале својот интегритет пред сѐ како луѓе, а потоа и како творци. Би сакал да верувам, и покрај тоа што знам додека гледам од далеку дека тоа не е денес така во Македонија, но сепак би сакал да верувам, велам, дека со своите разборити и бодри постапки, сме оставиле некоја трага што нема да создава генерации на полтрони и кукавици, на луѓе што нема да бидат од оние што велат, како што Живко Чинго велеше честопати со иронија, „ај чувај си го лепчето“, туку луѓе што ќе бидат свесни за својата моќ, кои ќе ја земат својата судбина и судбината на својата земја во свои раце и кои ќе владеат со своите животи во слободна држава, а не да бидат владеани од неписмен и брутален полусвет.

Како тоа мислите не постои веќе? Па функционираме како држава – сѐ уште.

– Новата држава, која од страв ја нарекуваат „нашата држава“, ми личи на еден панаѓурски ѕид на смртта во кој една селска будалетинка изигрува храбар моторџија, вртејќи бесмислени кругови во место, додека клакерите го гледаат тоа бесмислено самоубиствено вртење во круг, тоа шлајфување во место, и како блентави му ракоплескаат на „храброста“. Е, само работата е во тоа што од многу „храбро верглање во место“ целата градба распукала, се срушила, и се претворила во еден заразно загаден градежен смет во кој, како во жив песок, луѓето раскарани меѓу себе се глодаат, се мразат и плукаат, се дават и се прпелкаат во рушевините и остатоците од градбата, но не прават ништо сериозно за да излезат од тој смет и смрдеа што ги проголтува. Од друга страна, државата сега така оставена без своите државни темели и без заштита од тие што треба да ја штитат, е доведена во состојба во која кој како стигне зема од неа и ја присвојува. А луѓето, граѓаните, особено Македонците, кои до сега беа мнозинство во државата, сега се обезличени и понижени, и се на пат кон ново административно исчезнување. Затоа така не постои.

Дали е тоа од страв?

– Да. Така шашардисани и уплашени, додека од внатре врие до точка на експлозија, тие чекаат некој друг да им ја заврши домашната работа, затоа што ако мрднат се плашат дека ќе потонат во калта и зовриениот жив песок што ги голта. Да бидам јасен за оние во врвот на неподносливата власта, кои не можат да разберат, заради тоа што имаат само по три часа и по еден голем и еден мал одмор од образование, и кои тврдоглаво и инаетчиски одбиваат да разберат дека треба да си одат и да ја ослободат Македонија од својата смртоносна прегратка. Кога велам дека се урнати државните темели, мислам на македонскиот Устав, кој е основата врз која почива, се гради и се чува државата. Тој е повеќекратно погазен и девастиран. Прво е начнат 2001 година, а потоа фрлен под нозе на 24 декември 2012, и конечно распартален и уништен 2017-19, за денес да е во употреба еден октроиран Устав, кој поради околностите под кои е донесен, се сомневам дека е правно валиден.

Но во Македонија одамна не владее правото.

Продолжете со читање на мкд.мк

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •