април 16, 2021

Никој нема право да бара од суверена нација да го преиспитува сопствениот национален наратив

Дали надворешните притисоци на Бугарија, во пакет со внатрешните (предизвикани од македонски интелектуалци), во форма на јавни изјави и вербални саботажи пласирани во медиумите од страна на јавни личности и поранешни државни функционери, се всушност новата методологија на субверзивно дејствување на официјална Софија
кон нашата земја? Има една поговорка што вели дека јазикот нема коски, ама коски крши. Овој пат прашање е само дали радикалните шовинистички кругови во Бугарија на некој начин мотивираат македонски интелектуалци и јавни личности да „пеат по нивни ноти“, или самите решиле да демонстрираат сопствени шизофрени суицидни нагони?!

Изопачување на историјата од неисторичари за дополнително усложнување на билатералните односи

Контроверзноста на бугарските ставови од кои произлезе актуелниот македонско-бугарскиот спор продуцира тешки уцени од страна на Бугарија кон Македонија да наметне, како еден од условите, бугарскиот историски наратив да биде заеднички, за да може да се почнат преговори. Самото наметнување на историските прашања во современи (гео)политички процеси, како услов (унилатерален бенчмарк) за проширување на ЕУ, е доволно контрадикторен, особено што тоа во историјата како „стандард“ не е воопшто дел од Копенхашките критериуми. Но „досетливо и итро“, Бугарија, исто како и Грција претходно, своите историски аспирации спрема Македонија ги „спакува“ во добрососедски односи. Така, под „императивот на добрососедството“, се прават силни напори за деноминација до бришење на македонскиот национален идентитет, преку оспорување на автохтоноста на историскиот развој на македонскиот народ. Односно, најгрубо и најдрско се пласираат тези со ултимативни барања за прифаќање дека македонскиот народ, македонскиот јазик и историја постојат од 1944 година.

Негација на правото на Македонија на средновековното историско наследство

Најновата експликација на оваа антитеза на македонското постоење е изнесена во колумна за бугарски медиум на професорот Денко Малески, кој во својата биографија го има и моментот на прв министер за надворешни работи на самостојна Република Македонија. Самиот наслов на колумната на Малески, „Македонија нема средновековно наследство, геополитиката ја создаде македонската нација“, во македонската јавност се доживеа како наведување на самоисчезнување (дури и самоубиство) на македонската нација и самобришење на сето македонско постоење низ вековите.
Еминентни и светски признаени македонски историчари, иако не се изненадени од ставовите на Малески, сепак, се вчудовидени од неговото целосно оспорување на македонската историографија и субјективното политизирање на историјата.
– Сметам дека последната колумна на поранешниот министер за надворешни работи нема потреба од посебна експликација, со оглед дека станува збор за политички, а не за научно аргументиран став. Особено што ваквите ставови професорот Малески ги има искажувано и во минатото, така што тоа не е ништо ново. Проблемот е што во конкретниот текст, без да понуди некакви аргументи, тој истапува со негација на правото на Република Македонија на средновековното историско наследство. Малески, всушност, целосно ја оспорува македонската историографија, и тоа само врз основа на неговата крајно субјективна оцена дека западната политичка и историска литература била „најблиска до објективните историски факти“.
Во неговиот познат манир на политизација на историјата, тој се повикува на замислениот разговор со големите сили и НАТО-сојузот, кои во хипотетичкото посредништво би му пресудиле на македонскиот историски наратив во наметнатиот спор со Бугарија за македонската историја. Не знам како поранешниот министер замислува вакво политичко посредништво преку кое бугарскиот национален наратив би ѝ бил наметнат на Република Македонија како сопствен, но истото тоа апсолутно не е во согласност со демократските принципи, на кои самиот се повикува. Тоа само говори за неговиот однос кон македонската национална историја.

Да, секој има демократско право да го искаже својот став, но Малески како професор треба да знае дека меѓународното право на секоја независна држава ѝ гарантира автономно да го создава и гради наративот за сопственото национално минато, преку кој се изразуваат посебноста на нацијата и различноста од другите нации. Никој нема право да бара од која било суверена нација да го преиспитува и менува сопствениот национален наратив, независно дали истата таа ја признава, ja негира или е во позиција да ја условува – нешто што Малески самиот го заговара.
Наедно, би му порачал на професорот Малески да прочита што е најново во западната историска литература, каде што има книги објавени и од македонски историчари, и тоа за цар Самуил (Mitko B. Panov, The Blinded State. Historiographic Debates about Samuel Cometopoulos and His State (10th-11th Century) (Brill: Leiden/Boston, 2019). Ќе може да согледа како Русија навистина го конструирала бугарскиот национален наратив во втората половина на 19 век, особено за средновековието, и тоа во функција на легитимирање на територијалните аспирации кон Македонија, како културно и духовно јадро на Самуиловата држава, а за потребите на рускиот проект на создавање голема Бугарија. Тогаш, веројатно, ќе сфати колку е анахрон во неговите познавања за историјата – аргументирано ги демантира тезите за „македонското непостоење низ историјата“ професорот Митко Панов од Институтот за национална историја на Македонија, активен научник токму од областа на средновековната историја.

Тези што немаат никаква научна поткрепа

За историчарот Тодор Чепреганов, симптоматични се политизацијата на историјата и целосното негирање на историското постоење на македонската нација од македонски универзитетски професор, интелектуалец, кој дури бил и министер за надворешни работи на Македонија, која сега ја опструира и на историски и на современ политички план.
– Спорна и неаргументирана е оваа позиција за историјата на Македонија на професорот и прв министер за надворешни работи, прво зашто досега нема напишано никаков научен труд за овие свои тези, ниту излегол на научен собир да ги презентира и докаже. Од политички аспект, симптоматично е што ваквите тези не ги искажал во времето кога бил министер за надворешни работи на Македонија. Тоа се тези што немаат никаква научна поткрепа. Покрај тоа што го наметнува преиспитувањето на изборот на политичари што ја водат (воделе) Македонија, сѐ повеќе се кристализира одговорот на дилемата дали тие биле поставени да ја бранат македонската кауза, или да ја уништат македонската нација. Најблаго кажано, непристојно е да се оспорува и одзема правото на кој било народ на сопствена колективна меморија и историја, а предавство е тоа да му се прави на сопствениот народ. Сето она што се случило на оваа територија му припаѓа на македонскиот народ што живее на неа. Конечно, нема период во историјата во кој не се споменуваат Македонија и Македонците – вели професорот Чепреганов.


И Словенија вовлечена во македонско-бугарскиот историски проблем

Целиот текст на Нова Македонија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •