април 15, 2021

Арсовски: Барањето помош за попис на Албанците и лобирање за независноста на Косово е надвор од секаква дипломатија

Ова што сега се случува веќе не личи на желба да се направи цврст државен систем како што треба. Во овој систем, каков што е, секој гледа за себе да собере повеќе гласови и да оствари повеќе од она што е зацртана цел на партијата. Вака поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски ги опишува активностите на првиот вицепремиер Артан Груби во Косово кој побара тамошните политичари да помогнат за попишување на албанската дијаспора, но и лобирањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи, Шпанија да го признае Косово, барем како што рече Груби.

Владата засега нема коментар на ваквите наводи и дали лобирањето на Османи за признавање на Косово е државна надворешна политика или лична изјава на Османи, ниту пак на изјавата на Груби дека Косово е високо на приоритетите на Македонија. Владата сѐ уште ги проверува наводите и, како што вели владиниот портпарол, ќе се изјаснат кога имаат увид во тоа.

„Ако ова се потврди, значи, не дека имаме двојна дипломатија, туку дека не постои веќе никаква дипломатија. Вакво однесување за клучни работи во државата е непознато во аналите на дипломатијата“, вели Арсовски за МКД.мк.

Груби работната посета на Приштина ја искористи од сите соговорници да побара помош, да ја повикаат албанската дијаспора на Македонија што живее надвор нејзините граници да се самопопише. Побарано, добиено.

В.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи ветила дека ќе обезбеди максимална поддршка во процесот на попишување.  Новиот лидер на ЛДК, Лумир Абдиџику ветил логистичка поддршка од неговата партија која ги има најголемите структури во дијаспората. И Рамуш Харадинај ветил поддршка и позитивно одговори на барањето на Груби „да се мобилизираат сите и да се освестат за пописот на албанското население што живее и работи во дијаспората“. В.д. претседателот ПДК, Енвер Хоџај, пак, отиде уште подалеку, ги повика Албанците со потекло од Македонија да се регистрираат и да покажат дека на Балканот се она што е германскиот фактор во Европа.

На тврдењето на Груби дека пописот во земјава не е само статистички процес, туку и политички, бидејќи правата на Албанците зависат од статистичките, се надоврза и идниот премиер на Косово, Албин Курти кој преку видео порака ги повика македонските Албанци во дијаспората да се вклучат масовно на пописот.

„Бидејќи дури и со сегашниот Устав, политичките права на граѓаните во Република Македонија се диктирани и произлегуваат од бројките, регистрацијата на секој граѓанин е исклучително важна. Ова значи дека во политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањето, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат точно од бројот на граѓани на двете државно-формирачки заедници на Република Македонија. Напишете го вашето име таму и кликнете на опцијата: албански“, порача Курти.

Ова што се случува сега со повикувањето на албанската дијаспора да се попишува и со образложувањата од функционерите Албанци од Македонија дека политичките права на Албанците зависат од процентот на регистрација, според Арсовски покажува дека пописот доби политичка димензија, иако цело време се инсистира дека се работи за чисто статистичка операција.

„Ова сега што се случува со изјавите на Груби и Османи и повикот на Курти од Косово за попишување го немало никаде. Тоа е мешање во внатрешни работи. Тоа е отскокнување од она што значи државност и ред во една држава. Тоа е паралелна дипломатија“, коментира Арсовски и додава дека очекува „чуден исход“.

На прашањето зошто повиците за попишување се упатено само кон албанската дијаспора, а не кон сите иселеници од Македонија, тој одговара: „Се прашувам дали е Бујар Османи вистинскиот министер за надворешни работи и дали е тој министер за надворешни работи за сите државјани на Македонија или само за тие од албанско потекло. Истото прашање ми е и за Артан Груби. За мене како дипломат, ова е приоѓање на работите чисто од партиски аспект“.

Арсовски вели дека очигледно бегаат од актуелната бројка и целта е да докажат дека се повеќе од некој одреден процент. Но, кои политички политички права на Албанците зависат од процентот на регистрација, како што вели Груби? Што е она што го немаат како политичко право или што ќе им биде одземено ако се во помал процент? Ниту е политичката застапеност, ниту вработувањата, ни донациите за општините, ни употребата на јазикот. Уште повеќе, досега неколку пати беше повторено дека без оглед на бројките на пописот нема да има одземање на стекнатите права.

Паралелната или различната дипломатија Арсовски ја гледа и во случајот со Бугарија.

Целиот текст на mkd.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •