април 17, 2021

Во Собрание се разгледуваа закони, но ќе се гласаат дури на 9 март

Еден ден откако 62 пратеника и изгласаа доверба на Владата, во Собранието денеска пак немаше кворум па претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека за 68 закони од различни области ќе се гласа на 9 март.

На почеток на седницата кај пратениците генерално немаше интерес за расправа, по што Џафери соопшти дека гласањето за дел од законите дополнително ќе се изврши. Дел од законите, пак, ќе се разгледаат штом ќе се создадат услови според Деловникот бидејќи се уште не поминале на соодветните комисии. Меѓу тие закони е и Предлог–законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во прво читање.

Џафери информира дека за Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во второ читање, има поднесено над 900 амандмани и дополнително ќе се отвори претрес по оваа точка.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска во процедурална забелешка рече дека претседателот на Собранието, Џафери е должен согласно Деловникот за работа на Собарнието, член 165, по секој закон за кој е завршена општата расправа место да каже дека за него ќе се гласа дополнително или кога ќе се создадат услови и побара да го прецизира датумот и часот за гласањето.

Џафери се согласи со нејзината констатација и во продолжението на седницата за сите закони кои беа во прво читање, кажа дека гласањето по нив ќе се одвива на 9 март, вторник во 12 часот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •