април 14, 2021

Преспанскиот договор е преседан кој не доведе во состојба на бизарност без граници

Проблемот не е во Љубчовото “кршење табуа” и неговата интерпретација на историјата. Секој има право да “крши табуа” и интерпретира историја како сака. Љубчо и Бучко можат да си мислат дека се внуци на богот на сонцето Рамон Ра. Но тоа не им дава за право на овие божји чеда да “решаваат проблеми” со редефинирање на идентитетот на Македонската Нација. Историјата и битието на Македонија не смеат да бидат предмет на меѓународни преговори и договори. Љубчо и Бучко можат да си прават муабети во кафеана. Можат да си ги поканат и Денко, Тричко и Политико за да им биде поинтересно, но не смеат да даваат изјави како политичари или преговараат за идентитетски прашања.

Било кога некој од македонските политичари неовластено си го дал правото да ја интерпретира историјата и да го дефинира колективниот идентитет, тоа било удар за Македонските Национални Интереси. А тоа за жал се случило и се случува премногу често. Прво што паметам е изјавата на претседателот Киро Глигоров дека сме Словени. Никола Димитров отиде понатаму и потпиша меѓународен договор каде ни се забранува да се идентифицираме со македонската античка историја. Замислете министер за надворешни на Гватемала да потпише договор во кој вели дека историјата на земјата почнува со шпанските конквискадори и дека се откажува од историјата на Маите која припаѓа само на Мексико. Или претседателот на Гватемала да изјави дека државјаните на Гватемала немаат врска со Маите.

Преспанскиот договор е преседан кој не доведе во состојба на бизарност без граници. Ова со Бугарија е кулминацијата на идиотизмот во кој не навлекоа, а ние не знаеме како да се извлечеме. И се ќе биде така додека не ја видиме состојбата каква што е. А состојбата е јасна, не стануваме дел на ЕУ па макар и душата да си ја продадеме.

Автор: Лубен Тодоровски

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •