април 14, 2021

Владата изгласа субвенции за вработувања по етнички клуч во приватниот сектор, а ДУИ се пофали со исполнето ветување

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021 г., кој го усвои Владата, обезбедени се една милијарда 516 милиони денари и со него ќе бидат опфатени 10 279 лица, при што треба да се почитува и принципот за „правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна… основа“

Со две исполнети ветувања од изборната програма се пофали владејачката ДУИ по вчерашната владина седница, на која, меѓу другото, е усвоен Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година (кој предвидува и рамноправна етничка застапеност), а утврден е и предлог-закон за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија.

„Владата одобри два значајни проекти кои беа ветувања во изборната кампања“,

напиша на својот фејсбук-профил министерот за надворешни работи Бујар Османи по завршувањето на вчерашната седница на Владата.

Од Владата соопштија синоќа дека на седницата е утврден текстот на предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што министерот Насер Нуредини е од редовите на ДУИ.

„Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес“,

се наведува во соопштението од седницата.

Во однос на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, во соопштението не е попрецизно посочено дека станува збор за предлог-проектот со кој ДУИ ја разбранува јавноста набрзо по изборот на новата влада на Зоран Заев.

Сепак, се наведува дека при имплементацијата на програмите и мерките за вработување ќе се почитува принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор, согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани, во согласност со стандардите и практиките на ОН и Меѓународната организација на трудот.

За Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021 година обезбедени се една милијарда 516 милиони денари и со него ќе бидат опфатени 10 279 лица, информира денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.

На прашање дали државата ќе му дава пари на приватниот сектор за вработување на помалите етнички заедници за да се исполни одреден процент во контекст на предизборното ветување на коалицискиот партнер ДУИ, Арсовски упати на принципите на кои почива спроведувањето на Оперативниот план.

„Она што можеме да го кажеме како Влада е дека спроведувањето на Оперативниот план за активни мерки за вработување почива на неколку принципи, меѓу кои и принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор, согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна, или која било друга ранлива категорија граѓани во согласност со стандардите и практиките на ООН и Меѓународната организација на трудот. Значи, ништо надвор од тоа“,

рече Арсовски.

Втор принцип, дополни, е справување со негативните ефекти и последици на пазарот на трудот и вработеноста предизвикани од пандемијата и третиот – поттикнување рамномерен регионален развој согласно податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во земјава, Оперативниот план за 2021, посочи владиниот портпарол, содржи мерки за лицата кои се долго време надвор од пазарот на трудот. Точно е, се предвидува и поддршка за работодавачи, но само доколку тоа значи обезбедување нови вработувања и раст на правните субјекти.

„Субвенции и поддршка ќе добијат оние компании кои ќе вработуваат лица и според одредени критериуми. Целта, фокусот, се сите граѓани кои се засегнати со оваа мерка, а се подолго време надвор од работен процес, односно вработување, без разлика на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани согласно со меѓународните стандарди што веќе ги споменав“,

рече Арсовски.

Откако ДУИ преку вицепремиерот Груби во септември минатата година ја пласираше идејата за вработувања во приватниот сектор по етнички клуч, премиерот Заев изјави дека ќе има субвенции по таа основа, ама дека ќе се даде предност на квалитетот и на квалификуваните работници.

„Во владината програма е точно прецизирано дека Владата ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис-секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба. Тоа е особено важно за да зборуваме за промена на свеста кај секој од нас и отфрлање на предрасудите од кој било тип, за секој квалитетен кадар да биде соодветно ангажиран“,

изјави тогаш Заев во врска со изјавата на неговиот прв заменик Артан Груби, за поттикнување на вработувања по етничка основа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •