април 17, 2021

АВСТРИЈА И ДАНСКА „КРЕВААТ РАЦЕ“ ОД ЕУ: Решение за вакцината ќе бараат во производство

Австрија и Данска одлучија да ги здружат силите и да работат со Израел за производство на своја сопствена вакцина од втора генерација, која ќе биде ефикасна против видови на коронавируси и повеќе нема да се потпираат единствено на ЕУ која доцни со испораките.

Оваа одлука на Австрија и Данска да произведат вакцини со Израел, следеше откако оваа земја покажа дека е шампион во вакцинацијата против коронавирус.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека е сосема правилно ЕУ да набавува вакцини за своите земји-членки, но Европската агенција за лекови (ЕМА) е премногу бавна во одобрувањето на нив, и има и проблеми во врска со набавка на вакцини и испорака .

– Ние мора да се подготвиме на време за нови видови на коронавирус. Пандемијата ќе не следи со своите мутации уште некое време – напиша Курц на Твитер.

Премиерот на Данска, Мете Фредериксен, исто така беше критична кон програмата развиена од ЕУ за добивање вакцини.

– Мислам дека не можеме да се потпреме само на тој пат на добивање вакцини, туку мора да ги зголемиме нашите капацитети. Затоа можеме да бидеме среќни што започнавме соработка со Израел – изјави Фредериксен.

Таа исто така нагласи дека е сосема во ред Данска и Австрија да работат на развој на вакцината и дека тоа е дозволено бидејќи Европската комисија во одлуката навела дека земјите-членки можат да склучуваат договори одделно доколку сакаат, пишува Ројтерс.

Австрискиот канцелар и данскиот премиер во Израел во четврток во преговори за производство на вакцини

Курц во четврток во Израел ќе се состане со данскиот премиер Мета Фредериксен и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да подготви чекори за поголема независност на овие земји во производството на вакцини.

– Израел ќе ја испита можноста за сојуз ковид-19 со Данска и Израел +, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чија земја води во бројот на вакцинирани.

Во вторникот, Курц ги покани фармацевтските компании, вклучувајќи ги Фајзер, Валнева, Новартис, Полимун и Берингер Ингелхајм, да разговараат за соработката во производството на вакцини.

Непосредно пред патувањето во Израел, австрискиот канцелар треба да се состане со претставници на фармацевтски компании, научници и претставници на здравствениот систем.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •