април 13, 2021

Модерните робови не се врзани со синџири, тие се должници

Стефчо Негриески

Тоа е темница која голта сè што е живо во тебе и во мене
често се прашувам, што може човек
против лудост, глупост и суета?

Таа е одраз, таа е ехо на нечии трауми, војна е девојка која нема милост, ниту за еден свој љубовник!

*Ристо Вртев

Се ближи годишнината од помпезното пристапување во НАТО. Да не беше пандемијата, која сега се користи како алиби за сите „несреќи“ во државава , баш ќе беше згодна прилика да подвлечеме црта и да видиме каде плови овој брод? Ми се чини дека туркањето на членството во НАТО по секоја цена , повеќе беше копнеж за слава и почести, како и истакнување на сопствената личност на една политичарка, отколку акт на промислена политичка одлука. Да се седне на иста маса со елитата. Ох пусто, видела жабата кај што го потковуваат коњот, па дигнала и таа нога. Сè се сведе на суетата на таа личност, долго време учесник во високата македонска политика, сегашен министер за одбрана, или можеби подобро би и стоело „министер за војна“, согласно Орвеловата ’84. Туркањето на проектот Македонија во НАТО, и покрај неуспешниот референдум кој што, потсетете се, беше изјаснување и за ова прашање, може да го препишеме на сите три карактерни особини спомнати во стиховите од цитатот, но најмногу на суетата на министерката. Веројатно пред заминувањето во (не)заслужена политичка пензија, мораше да запише нешто во својата политичка биографија, откако целата своја политичка кариера ја потроши на евроинтеграциите без евидентен успех. На крај, закла вол, а дали ќе има и едно кило маст за државата, останува големо прашање.

Јас не сум некој голем познавач на геостратешки политики, па да дебатирам околу аргументот колку е Македонија мала, па „морала“ да влезе во еден ваков воен сојуз, но извинете, тој аргумент едноставно не држи вода. Кога здраворазумски ќе се погледне на ситуацијата, лесно доаѓаме до заклучок дека три земји од Западен Балкан се сè уште светлосни години далеку од НАТО (Србија, БиХ и Косово). Дури шест земји членки на ЕУ, исто така, не се членки на НАТО (Австрија, Финска, Кипар, Малта, Ирска и Шведска). Има богами тука и помали земји од Македонија, а скоро сите се мали земји во светски рамки, но не станале членки на најголемиот воен сојуз, а колку што ми е познато, сепак не се под никаква закана од агресија од надвор. Попаметни ли сме ние Македонците од нив? Сигурно не, напротив.

Но, она што сакам да го разгледаме е следново. Што се случуваше и сè уште се случува на економски план во земјите кои последни влегоа во НАТО, а тоа се нашите пријатели од Јадранската група – Хрватска и Албанија, со кои заедно го газевме снегот на патот кон Алијансата, како и Црна Гора. Зошто економскиот аспект? Затоа што тоа беше вториот силен аргумент за ваков чекор, барем во Македонија. Да не ве заморувам сега со стотици изјави дадени во времето пред референдумот (може и сами да си ја освежите меморијата, интернетот памети се) – од поквалитетно здравство, зголемен пласман на македонски производи, брда и долини… но мене во главава ми остана врежана една изјава на тогашна советничка за земјоделство на премиерот, која при една посета на Албанија воодушевено изјави: – Земјоделци, што велите да има и кај нас ваков откупно – дистрибутивен центар?
Ова е во Албанија, ова е албанскотo овошје и зеленчук, ова се трговците, ова е „Дони Фруитс“, ова се вика стабилен пласман и обезбеден пазар на земјоделски производи. Албанија со членството во НАТО ја има потребната стабилност и сигурност која е многу важна за инвеститорите“ рече тогаш Николовска. Притоа заборави дека во Македонија има десетина такви објекти изградени во минатото, но сега зјаат празни и напуштени, но и дека Македонија беше земјоделска велесила во југословенски рамки. Во меѓувреме советничката го напушти кабинетот, а ние сè уште чекаме откупно – дистрибутивен центар.

Да започнеме со Хрватска, која во меѓувреме дури стана и членка на ЕУ, или го исполни сонот на земјите од Западен Балкан. Имено, Хрватска по приклучувањето во НАТО, се сеќавате на Букурешкиот самит во 2008 година, кога Македонија исто така беше фикс за влез, изгубила од својот бруто домашен производ (БДП) дури 13,5 %, заклучно со крајот на 2019 година. Или, ако во 2008 година Хрватска имала БДП од 70.23 милијарди долари, 2019 година ја завршила со 60.75 милијарди долари. Поразителен резултат ќе се сложите, или јас би го нарекол економско тонење. Но, да видиме што се случувало во истиот овој период со јавниот долг на Хрватска. Тука Хрватска има раст, претпоставувате. И тоа за фрапантни 62 %, или од 27,27 милијарди долари во 2008 година, долгот се искачил на 44,08 милијарди на крајот на 2019 година. Па Хрватска толку не се задолжуваше ни кога беше во војна. Само да ве потсетам дека ова се случува пред било кој и да може да замисли дека ни претстои пандемија. За цело ова време просечната плата во Хрватска континуирано расте, но од ова што го видовме, тој раст нема економска подлога и почива на силно, надреално задолжување, или крадење од сопствените деца.

БДПДолг
200870.2327.27
200962.6030.79
201059.6234.16
201162.5439.66
201256.5839.47
201358.1946.96
201457.6448.67
201549.5341.61
201651.6041.55
201755.4843.27
201861.3845.60
201960.7544.08
БДП и јавен долг на Хрватска (2008 – 2019) – во милијарди долари

Што се случуваше во овој ист период во Албанија. Таму во периодот од 2008 – 2019 година, за волја на вистината, БДП пораснал кумулативно за 18,6 %, или од 12,88 во 2008, на 15.28 милијарди долари во 2019 година. Но вредно е да се спомене дека Албанија никогаш повеќе не достигна стапки на раст на БДП како претходните години, или преведено на народски, растот беше успорен, да не кажам задушен. Албанија пред 2008 година остваруваше годиши стапки на раст од просечно околу 6 %, за после влезот во Алијансата тие стапки просечно да изнесуваат околу 1,8 %. Што се однесува до јавниот долг, тука погодувате нема промашување. Јавниот долг од 7,1 милијарди долари во 2008 година, достигнал „мрсни“ 12.12 милијарди во 2019 година, или зголемување за вртоглави 70 %. Или, ако споредиме номинално, во анализираниот период Албанија економски пораснала за 2,4 милијарди долари, а се зајмила 5 милијарди. Побарајте го најдобриот светски економист да ни објасни дали може полошо. Всушност, Хрватска ни покажа дека може.

БДПЈавен долг
200812.887.10
201815.1512.20
201915.2812.12
БДП и јавен долг на Албанија (2008 – 2019) – во милијарди долари

Што се однесува до Црна Гора периодот на разгледување на овие макроекономски индикатори, ќе го сведеме на периодот 2017 – 2019, со оглед дека оваа држава стана членка на НАТО во 2017 година. Се согласувам дека овој период е краток за да извлекуваме некакви заклучоци за користа или зијанот од членството, но може да видиме какви трендови се воспоставени. Па така, Црна Гора во однос на БДП бележи кумулативен пораст од цели 15 %, односно номинално од 5.38 милијарди долари во 2017 година, БДП во 2019 година изнесувал 6.2 милијарди долари. Но, чесно е да се каже и дека такви исти стапки на раст, црногорската економија бележела редовно од 2012 година, односно и пред членството во НАТО. За истиот тој период, јавниот долг доживува експлозија и од 2.91 милијарди долари на почетокот на 2017, достигнува 4.36 милијарди долари на крајот на 2019 година. Или кумулативен пораст од 50 %. Само за три години. Импресивно, нели?

БДПЈавен долг
20175.382,91
20185.503.96
20196.204.36
БДП и јавен долг на Црна Гора (2017 – 2019) – во милијарди долари

Знаејќи што се случуваше во 2020 со економијата низ целиот свет, овие резултати се дополнително влошени, односно се случи понатамошно драстично опаѓање на БДП и зголемување на јавниот долг, но заради здраво срце сега нема да ги презентирам тука. Наместо светла иднина со пристапувањето во НАТО , каква ветуваа(т) сите политичари на Балканот, овој регион заглави во должничко ропство, но и депонија за старото наоружување на богатите членки.

Заклучокот почитувани би бил дека сè што правиме во животот, за секој чекор кој што го преземаме, а кој ни ја определува нашата и пред се иднината на нашите деца, треба добро да промислиме, да анализираме и на крај да создадеме услови за делување по одлуката што сме ја донеле. Суетите и глупоста треба да се тргнат настрана, инаку истото ќе се случи и доколку Македонија на вакво економско ниво, утре или после 10 години сеедно, стане членка на ЕУ. Затоа и во боречките вештини постојат категории. Не може во ринг да ставите двајца боксери, едниот во мува, а другиот во супер тешка категорија. Денеска војните не се водат со ракети, туку со финансиско исцрпување на ионака сиромашните. Трипати мери еднаш сечи, рекле нашите стари.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •