март 9, 2021

Мијалков се предаде откако дознал дека негови блиски ќе одговараат за помагање во бегство

Пред да одлучи да се предаде, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков добил дојава дека членови на неговото обезбедување, но и семејство, ќе се соочат со одговорност за помагање во неговото бегство, неофицијално дознава Фокус.

Покрај тоа, добро упатени извори велат дека Мијалков дознал оти сметките на членови на неговото семејство и нивни компании ќе бидат блокирани, движниот имот ќе биде запечатен, а недвижниот имот пломбиран, што го натерало да се појави во обвинителството и да го подигне решението со кое му се определува куќен притвор.

Неофицијално, Мијалков ја примил дојавата дека за него обвинителството викендов бара затворски притвор од иста адреса, од каде денес во обратна насока била пренесена порака до него за настаните што следуваат, па само еден час подоцна тој одлучи да се предаде.

Инаку, информациите говорат дека тој цело време бил во Скопје и бил сместен во стан, каде најверојатно го однел член на неговото обезбедување со возило кое вчера беше донесено во полициска станица и врз кое се вршеа проверки.

Обвинителката Вилма Русковска добила информација дека Мијалков се подготвува за бегство кон Србија преку Куманово од лице кое моментално е на одлежување затворска казна.

Сепак, при пристигнувањето во обвинителството, Мијалков изјави дека не бегал, туку дека го немало 24 часа откако заминал во изолација поради висока температура и страв дека е заразен со корона вирусот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •