февруари 25, 2021

Османи во Дубаи: Продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес во Дубаи оствари средба со државната министерка за меѓународна соработка Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и главен управен директор на „ЕКСПО 2020 Дубаи“.

Како што соопшти МНР, централна тема на средбата е учеството на Република Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи“, при што беше посетен и Павилјонот на земјава на саемот, кој е во финална фаза. Во рамките на разговорот Османи упати благодарност за помошта на ОАЕ за справување со пандемијата Ковид-19, што беше доделена на нашето Министерство за здравство во текот на месец ноември минатата година.

На првиот ден од посетата, Османи имаше средба и со министерот за надворешна трговија, Тани Ахмед Ал Зејуди, со кого разговараше за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена.

– Економската соработка останува како главен фокус на нашиот заеднички интерес, така што можеме да истакнеме дека главни области на интерес се трговијата, инвестициите и туризам, истакна Османи.

Во рамките на дводневната посета на ОАЕ, утре Османи во Абу Даби ќе се сретне со неговиот колега Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, со министерот за толеранција и соживот, Шеик Нахјан Мубарак Ал Нахјан, со државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али Ал Сајег како и со извршниот директор на Меѓународниот центар за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам Хедаја, Ахмед Ал Касими.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •