февруари 28, 2021

Мијалков на листата на бегалци, МВР ја објави националната потерница

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кој од вчера се бара по издадено решение за определена мерка куќен притвор за случајот „Таргет-Тврдина“, се најде на листата на бегалци на МВР. Во листата на потраги МВР објави фотографија од Мијалков со што распиша централна потерница. Ова значи дека Мијалков за сега се бара на територија на нашата држава. Известени се сите гранични премини и тој легално не може да ја напушти државава, доколку се наоѓа на територија на Македонија. 

За во потрагата по Мијалков да се вклучи и Интерпол потребно е МВР да распише меѓународна потерница, а за тоа се чека наредба од Основниот кривичен суд во Скопје. 

МВР официјално го извести судот дека не може да го најде Мијалков и да му го враши решението за притвор, а издаде и предлог да биде издадена наредба за меѓународна потерница по Мијалков. Тогаш обвинетиот ќе се бара и надвор од државава. Се очекува националната потерница наскоро да биде заменета со меѓународна потерница. 

„Мијалков Сашо, од татко Јордан , мајка Милка, роден на 15.09.1965 во Скопје, со живеалиште на ул.Народен Фронт бр.5-31 во Скопје, се бара по наредба за распишување на потерница на Основен суд Скопје 1 КОК – КР бр.56/21, а врз основа на решение на судот со кое му е определена мерка куќен притвор, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – “Злоупотреба на службената положба и овластување” од чл. 353 , кривично дело “Злосторничко здружување ” од член 394 и кривично дело “Примање награда за противзаконито влијание” по член 359 од КЗ“, стои на страната на МВР. 

Последна вест е и дека судот одобрил и меѓународна потерница по Мијалков.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •