март 4, 2021

Тихановскаја: Се чини дека загубивме во Белорусија

Белорусија да пристигне до демократијата ќе трае подолго, а засега се чини дека опозицијата изгуби, призна лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја за швајцарскиот весник Л Тон. Во интервјуто објавено денес, таа рече дека сака да дојде во Швајцарија во март за да побара од властите да го испитаат „скриениот имот и корупцијата” на Александар Лукашенко, белорускиот претседател.

„Морам да признаам, ги изгубивме улиците, немаме начин како да се бориме против насилството на режимот врз демонстрантите, тие имаат оружје, имаат сила, така да, сега се чини дека изгубивме“, рече Тихановскаја, чиј сопруг беше затворен во Белорусија минатата година, после обидот да се кандидира за претседател.

Според неа, „враќањето на демократијата ќе трае подолго отколку што се очекуваше“.

Опозиционерката, 38-годишна мајка на две деца, ги повика Белорусите да градат структури „за утрешните борби“, и покрај уморот и стравот.

Таа рече дека стратегијата на опозицијата е подобро да се организира, да врши постојан притисок врз режимот се „до моментот кога луѓето ќе бидат подготвени повторно да излезат на улица, можеби на пролет“.

Сепак, таа рече дека „не може да бара Белорусите да се доведат во опасност“ и во интервјуто го бранеше „принципот на мирна револуција“.

Кога во март ќе дојде во Швајцарија, Тихановскаја исто така би сакала да се состане со Високиот комесар на ООН за човекови права Мишел Башел за да разговара за „инструментите што ќе овозможат враќање на правдата“ во нејзината земја.

На 4 декември минатата година, Башел пред Советот за човекови права на ООН изрази жалење што ситуацијата во Белорусија „продолжува да се влошува“ од септември, кога телото на ООН одржа итна седница за состојбата во таа земја. Советот за човекови права следната недела треба да го претстави извештајот за состојбата со човековите права во Белорусија.

Власта на претседателот Александар Лукашенко, кој е на чело на државата од 1994 година, од минатата година со сила го сузбива протестното движење поради неговиот контроверзен реизбор во август.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •