март 3, 2021

Скопје во јануари со најчист воздух во последниве седум години

Според податоци од Град Скопје, главниот град е со најчист воздух во јануари во последните седум години. Според скопските мерни станици, во јануари годинава максималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките била 162, за разлика од 2015 година, од кога има релевантни податоци за квалитетот на воздухот, односно кога била 560, пренесе МИА.

– Податоците од државните мерни станици во Скопје за изминатиот месец покажуваат дека скопјани дишеле најмалку загаден воздух во споредба со истиот месец во последните седум години, посочуваат од Град Скопје, додавајќи дека анализата на концентрациите на ПМ10 честички во Скопје во јануари (од 2015 до 2021) покажува на охрабрувачки трендови по сите статистички показатели.

Бројот на денови на надминување на среднодневната концентрација над граничната вредност (50mg/m3) и среднодневната максимална и минимална концентрација на ПМ10, како што велат, се во пад. Во сите државни мерни станици во Центар, Гази Баба, Ректорат, Ново Лисиче и Карпош, посочуваат од Градот, се бележат најдобрите бројки за првиот месец од последните неколку години.

– На пример, ако во Центар во јануари 2016 година имало 26 денови со среднодневни концентрации над горната вредност, во 2021 имало 13 такви денови. Најзагадениот ден (со максимална среднодневна концентрација на ПМ10 честочки) во Центар во јануари 2017 имал 482.40 PM10 честици на метар кубен, а во јануари 2021 три и пол пати помалку, односно – 141.30, наведуваат од Градот.

За Градот секоја следна година е со помала вредност, односно, според нив се работи за тренд, а не за инцидент.

– Доколку направиме корелација помеѓу бројките на загадувањето и тие на метеоролошките прилики, средната брзина на ветерот била константна сите години, а иако постојат разлики во средната температура и количеството на врнежи, истите не можат да се посочат како директо заслужни за падот на загадувањето, велат од Градот.

И податоците од Гази Баба, Карпош и Лисиче, како што посочуваат од Градот, укажуваат на најмал број денови со среднодневни концентрации над горната вредност, на најниска минимална среднодневна концентрација и на најниска максимална среднодневна концентрација во последните седум години.

– На пример, највисоката максимална среднодневна концентрација (назагадениот ден во јануари) во последните седум години во Гази Баба била во 2015 со 622.70 mg/m3 ПМ10 честички, а во 2021 нивниот број бил 143.90, или четири ипол пати помалку. Највисоката максимална среднодневна концентрација во последните седум години во Карпош била во 2017 со 525.30 mg/m3 ПМ10 честички, а во 2021 – 144.80 mg/m3 ПМ10. Највисоката максимална среднодневна концентрација во последните седум години во Лисиче била во 2015 – 644.00 mg/m3 ПМ10, а во 2021 – 219,70 mg/m3 ПМ10, наведуваат оттаму.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •