март 4, 2021

Сопругата на Стево Црвенковски бара неговото име да се тргне од предлозите за нови улици и да се стави на свекор ѝ Крсте Црвенковски

Според Петрушевска, за да влезе нечие име во ваков документ, потребна е доволно долга временска дистанца од завршувањето на неговиот живот и дејствување и, историска објективност и непристрасност.

Сопругата на Стево Црвенковски, Калиопа Петрушевска во отворено писмо до Советот на Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов бара неговото име, како и името на нејзиниот татко Михаил Петрушевски да се избришат  од предлогот за нови имиња на улици во Скопје. Таа бара скопска улица да носи име по нејзиниот свекор Крсте Црвенковски. Според Петрушевска, за да влезе нечие име во ваков документ, потребна е доволно долга временска дистанца од завршувањето на неговиот живот и дејствување и, историска објективност и непристрасност.

Го пренесуваме интегрално отвореното писмо на Петрушевска до Шилегов

„Поттикната од вчерашните медиумски написи по повод донесувањето на најновата одлука за списокот имиња на личности со кои би се обележиле низа скопски улици, плоштади и мостови, а изненадена откако открив дека во него се наоѓаат и имињата на двајца членови од моето најтесно семејство – мојот покоен татко Михаил Д. Петрушевски (Битола, 1911 – Скопје, 1990) и покојниот сопруг Стево Црвенковски (Скопје, 1947 – Скопје, 2004), ви се обраќам со едноставно и лесно остварливо барање: нивните имиња да ги избришете од споменатиов список.

Причините за моето барање се рационални: за да влезе нечие име во ваков документ, по мое скромно мислење, постојат најмалку два неспорни критериума: доволно долга временска дистанца откако завршиле неговиот/ нејзиниот живот и дејствување и, логички поврзано со претходното, историска објективност и непристрасност.

Михаил Д. Петрушевски почина пред 31 година, што можеби и не е краток период, но неговата објективно најголема заслуга за градот Скопје (несомнено и за нашата држава) е фактот дека тој бил првиот службено назначен декан при оформувањето на првиот македонски повоен Филозофски факултет (декември 1946), прв со настава на македонски јазик, во кој истовремено се создале и зачетоци на уште неколку други факултети од кои подоцна, низ годините и децениите што следуваа, ќе се развие и денешниот УКИМ. Така што, ако сте веќе уверени дека името на М.Д. Петрушевски треба да се поврзе со некоја институција, тоа најлогично би бил скопскиот Филозофски факултет при УКИМ.

Стево Црвенковски почина пред 17 години, што од гледна точка на временска дистанца е многу скоро, да не речам прерано, за да може непристрасно и објективно да се цени неговата општествена заслуга – првенствено за нашата држава, помалку за нејзината престолнина. Дотолку повеќе што сѐ уште се среќавам(е) со напати навредливи, напати цинични медиумски прилози – написи и/или коментари – за неговата улога во државните работи на независна Македонија.

Најпосле, имам и една сериозна забелешка: меѓу сите имиња на денес покојните политички дејци – и локални, и републички, но и од врвот на некогашните југословенски институции, единственото кое не се нашло на посочениот список е името на свекор ми Крсте Црвенковски (Прилеп, 1921 – Скопје, 2001), починат пред 20 години. Тој не само што се наоѓал на највисоки државни позиции во времето на некогашната федерација (освен што бил носител на Партизанска споменица и одликуван со титулата Народен херој), ами бил и еден од најзаслужните за брзата мобилизација – со севкупниот човечки и материјален ангажман – во помошта на градот, веднаш по скопскиот катастрофален земјотрес од јули 1963. За ова, впрочем, сведочат и низата документарни снимки – фотографии и филмови – останати во архивските материјали, барем во оние што не претрпеле цензура по неговото паѓање во немилост, во 1973.

Со оглед на сето посочено, мојата лична – би рекла и логична – порака до вас би гласела: ве молам од постојниов список за именување улици да ги изземете имињата на Михаил Петрушевски и на Стево Црвенковски и, по можност, наместо нив, да го внесете името на Крсте Црвенковски“, напиша Петрушевска.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •