март 4, 2021

Фејсбук ги блокираше австралиските корисници од читање и споделување вести

Граѓаните од Австралија повеќе не можат да читаат вести на Фејсбук, откако компанијата соопшти дека нивните корисници не можат да споделуваат или гледаат новински содржини од локалните и меѓународните медиуми.

Оваа објава е одговор на предложениот закон во Австралија со кој би се принудиле технолошките компании да им плаќаат на медиумите за содржината која ја објавуваат на нивните платформи, пренесе Си-Ен-Ен.

„Она што предлог-законот во Австралија не сака да го препознае е природата на односот помеѓу нашата платформа и издавачите на вести. Спротивно на она што некој го сугерира, Фејсбук не краде вести, туку издавачите одлучуваат да ги споделат нивните содржини на Фејсбук. Се надевам дека во иднина ќе можеме да ги вклучиме вестите за граѓаните од Австралија повторно“, напиша заменик претседателот за глобални вести на Фејсбук, Кембел Браун.

На дискусија во австралискиот сенат во јануари, Фејсбук веќе најави дека ќе ги блокира ваквите содржини во земјата доколку предложениот закон се усвои. Гугл истовремено се закани дека ќе го оневозможи нивниот пребарувач во земјата. Но, додека Фејсбук го стори тоа што го најави, Гугл го промени својот став, и наместо да се повлече од Австралија, сега од компанијата најавуваат дека ќе ја продлабочат соработката со медиумите од земјата.

Австралиските власти го возвратија ударот. Министерот за финансии на земјата го критикуваше потегот на Фејсбук и предлог законот го нарече „важна реформа“.

„Фејсбук не е во право. Нивниот потег е непотребен, постапија драстично и тоа ќе го наруши нивниот углед овде во Австралија“, вели министерот Џош Фрајденберг.

Идејата дека технолошките компании треба да плаќаат за содржините на нивните платформи е иницијатива која веќе подолг период ја предлагаат медиумските издавачи. Оваа „војна“ стана уште поинтензивна откако регулаторите во САД, Австралија и во други држави размислуваат за нови закони на оваа тема.

Последниве години Фејсбук и Гугл тестираа проекти во кој би плаќале за вести. Фејсбук, на пример, го создаде „Фејсбук Њуз“, дел од нивната апликација која прикажува избрани вести за кои медиумите добиваат пари за учество.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •