март 7, 2021

Русите нè молат да ни дадат вакцина против ковид-19, ама ние ги игнорираме

Рускиот фонд за директни инвестиции испрати ново писмо до Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство во Македонија, нудејќи можност за одржување видео-конференција, како и презентирање на резултатите од третата фаза од испитувањата на вакцината „Спутник V“, велат за Плусинфо од Руската амбасада.

Руската вакцина „Спутник V“ ќе пристигне во вашата земја откако македонските власти ќе ни испратат официјално барање за набавка на вакцината против ковид-19, велат за Плусинфо од Амбасадата на Русија во Македонија. Оттаму посочуваат дека во повеќе наврати разговарале на таа тема со здравствените власти во земјава, вклучително и со министерот за здравство Венко Филипче, кој, пак, во понеделникот истакна дека земјава се одлучила за вакцините на „Фајзер“ поради тоа што руската вакцина се наоѓала во третата фаза на клиничкото испитување во моментот кога пристигнала понудата за набавка.

Но, интересно е тоа што токму тој ден кога Филипче јавно ја посочи причината поради која Македонците не се вакцинираат со руската вакцина, Рускиот фонд за директни инвестиции испратил ново писмо до Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство во Македонија, нудејќи можност за одржување видео-конференција, како и презентирање на резултатите од третата фаза од испитувањата на вакцината „Спутник V“, велат од Руската амбасада.

– На 15 февруари оваа година, Рускиот фонд за директни инвестиции уште еднаш испрати писмо до професорката Александра Грозданова, шефица на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство, во кое информира за можност да се одржи видео конференција, како и за резултатите од третата фаза на клинички испитувања на вакцината „Спутник V“. Резултатите беа објавени во еминентното списание „The Lancet“ на 2 февруари, и потврдена е 91,6 отсто ефикасност на вакцината и 100 отсто против компликации на болеста. Засега не добивме никаков одговор на тоа писмо – велат од Руската амбасада.

Оттаму додаваат дека голем е интересот на македонските граѓани да ја примат руската вакцина против ковид-19.

– Досега немаме добиено официјално барање за набавка на вакцината „Спутник V“. Амбасадата повеќепати ја известуваше Владата за можности за соработка во испорака на руската вакцина. За прв пат го информиравме министерот Венко Филипче за подготвеноста на Рускиот фонд за директни инвестиции да започне преговори за сите прашања околу набавката, уште на 18 август лани. Тој во телефонски разговор на 10 септември нѐ информираше дека нивниот сектор за вакцини и имунизација го следи процесот за руската вакцина и дека има некои прашања во врска со тоа. Потоа, на 25 септември, ја информиравме професорката Александра Грозданова дека Фондот може да организира видео конференција за постоечките прашања околу вакцината. На 15 февруари оваа година, Рускиот фонд за директни инвестиции уште еднаш испрати писмо до Грозданова, и информираше дека постои можност да се одржи ваква видео конференција, како и за резултатите од третата фаза на клинички испитувања на вакцината „Спутник V“.  Во меѓувреме, секојдневно добиваме прашања и барања за „Спутник V“ од македонските граѓани. За жал, мораме да повторуваме дека македонските граѓани можат да добијат пристап до вакцината само доколку Владата одлучи да ја набави руската вакцина – посочуваат од Руската амбасада во Скопје.

Од Министерството за здравство, пак, велат дека преговорите за набавка на руската вакцина се одложени сè додека вакцината не ги добие сите потребни сертификати за завршени клинички испитувања, кои всушност се и доказ за тоа дека е безбедна за употреба кај пациенти.

– При првичниот контакт со производителите на руската вакцина, оваа вакцина сè уште беше во третата фаза на клиничко испитување. Тогаш преговорите со нив беа одложени додека таа не ги добие сите сертификати за завршени клинички испитувања, што е доказ дека вакцината е безбедна за употреба кај пациенти. Количините коишто дополнително ќе ги набавуваме ќе бидат врз основа на процесот на имунизација кој ќе тече. Согласно интересот и апликацијата на вакцини, ќе се планира дали и со други договори да се зголемат количините – велат од Министерството за здравство.

Дебата околу ефикасноста и за одобрување на руската вакцина вчера се водеше и во Брисел, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Русија воопшто не ни побарала авторизација за комерцијализација во Европската агенција за лекови (ЕМА).

Од друга страна, пак, еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, истакна дека и покрај тоа што руската вакцина не е дозволена на пазарот во ЕУ, сепак, секоја земја може да носи суверени одлуки.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •