март 4, 2021

Мерко: На Заев му кажав дека Охрид е влезен во езеро, а во Струга нема за рушење

Синоќа претседателот на Владата на Зоран Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски остварија средба со градоначалниците на Општина Охрид Константин Георгиески, на Општина Струга Рамиз Мерко и на Општина Дебрца Зоран Ногачески. На средбата премиерот Заев истакна дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата и надлежните ресорни министерства како централна власт и на oпштините Охрид, Струга и Дебрца, за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат статусот на Oхридскиот Регион и Охридското Езеро како заштитено природно и културно подрачје од страна на УНЕСКО.

Но, општина Струга не се сложува со ова. Првиот човек на општината, градоначалникот Рамиз Мерко во телефонски разговор за NEWS1 на прашањето дали во Струга се точно прецизирани градбите кои требат да се рушат вели:

-Зошто зборувате за рушење. Јас кажував за градење, не за рушење. Зборувавме, но дефинитивно немам став, вели Мерко.

А на нашето прашање дали во Струга има многу градби кои треба да се рушат, Мерко категоричен:

-Не воопшто нема. Му кажав на премиерот и секогаш му велам дека во Струга нема градби за рушење. Охрид е влезен во Езеро, ние немаме, ние сме ограничени со регионалниот пат и во делот заштитена зона јавен имот во никој случај не смееме да градиме и не градиме, катекоричен е Мерко.

Во Општина Охрид пак направен е список со плажи ( објекти ) кои треба да се отстранат од брегот на езерото и тоа по редослед според тоа која плажа најдолго работела без договор со државата.

Деновиве од општината биле испратени известувања до лицата кои се третираат како сопственици на овие нелегални објекти во кое по којзнае кој пат се информираат дека објектите треба да ги отстранат сами бидејќи во спротивно ќе им бидат урнати и ќе треба да платат за трошоците од уривањето и депонирањето на градежниот отпад.

Инаку вчера Владата го разгледа и усвои Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство и ја задолжи Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија да го достави Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, најдоцна до 25 февруари 2021 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •