март 8, 2021

Конечно се случи: Докторката Добринка и сестрата Габриела први примија вакцини против Ковид-19

Добринка Наунова Јовановска, примариус доктор инфектолог и Габриела Темелковска, главна сестра на Клиника за инфективни болести се првите здравствени работници кои денеска ја примија вакцината против Ковид-19. Вакцинирањето се изврши во модиларна болница на Инфективна клиника и се пренесуваше во живо преку социјалните мрежи.

-Се чувствувам одлично, аплицирањето е безболно, препорачувам на сите граѓани да се вакцинираат. Ова е најефикасен начин да се заштитиме од корона вирусот. По 21 ден ќе примам и втора доза, а имунитет се развива за две-три недели. Подобро ќе бидам заштитена ако дојдам во контакт со инфициранио лице, рече Добринка Наунова– Јовановска по вакцинирањето.

И Габриела Темелковска рече дека се чувствува добро.

-Добро сум, ги поканувам сите да се вакцинираат. Со тоа ќе се намали бројот на новозаболени лица, рече таа.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника.

–Следат вработените во сите ковид центри, најпрвин тука, во Скопје, а од викендот и болниците ширум државата и приватните болници – рече Филипче.

Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Но, останува прашањето е што откако ќе се потрошат добиените вакцини од Србија. Владата деновиве најави дека до крајот на месецот треба да стигнат околу 200.000 кинески вакцини. Меѓутоа, тоа се уште не е точно прецизирано. Плус останува стравот дека може нешто да се проблематизира со документацијата или некој друг проблем на што не навикнаа здравствените власти во Македонија кога е во прашање набавката на вакцините.

Од друга страна за март се најавува и добивање на вакцини „АстраЗенека“ преку Ковакс-механизмот, но и тоа не е прецизирано и сигурно гледајќи го досегашното искуство. Исто како што не се знае кога ќе се добијат договоренит евакцини на „Фајзер“.

Дали, вакцинирањето во Македонија ќе оди по принципот „тргни-застани“ или ќе има континуитет?

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •