март 4, 2021

Oштетени штедачи: Кредит од 670.000 евра на фирма со двајца вработени и гаранција меница

Фирма за трговија и услуги основана во август 2016 година со седиште во општина Кисела Вода во Скопје, со непаричен влог од 5 илјади евра, двајца вработени и депонентна сметка во Комерцијална банка, нема платено ниту една рата од земениот кредит од Еуростандард банка и доцнела со исплата повеќе од една година до затворањето на банката во август минатата година. Фирмата има една сопственичка и воедно управител. Одобрениот и доделен кредит беше околу 670 илјади евра додека за обезбедување на кредитот се води единствено обична меница и без клаузула за правосилност и извршност, се вели во соопштението на здружението Оштетени штедачи.

„Билансите на фирмата кажуваат дека таа лани била екстремно презадолжена. Капиталот и резервите на фирмата се околу 15 илјади евра и истите се 45 пати помали од земениот кредит додека годишната добивка на фирмата се движела од 800 евра до 7 илјади евра. Билансите потврдуваат дека практично фирмата не била и не е во можност да го враќа кредитот. Ни од далеку, фирмата не била кредитоспособна да добие така голем кредит.

Воедно, сопственичката на оваа фирма е сопственичка и во друга фирма со слично име и на иста адреса како и првата фирма, основана во јуни 2019 година, со непаричен влог од 5 илјади евра и без вработени. Оваа фирма веќе има долг за неплатен данок од околу 25 илјади евра кон Управата за јавни приходи.

Како раководството на Еуростандард банка, од управниот, кредитниот и надзорниот одбор, одобрило вака голем кредит на ваква високоризична фирма!? Очигледно, кредитна анализа не е направена, кредитот е даден на барање и со договор да не се врати. Парите поделени. Ниту се плаќани рати, ниту можело да се плаќа. Дадени на вересија неповратни 670 илјади евра наши пари.

Повторно, и во овој случај како и во многу други случаи во ограбената банка, веројатно дека гувернерката Анита Ангеловска Бежоска „не го видела“ ниту овој кредит, високоризичен и ненаплатлив. Зошто гувернерката Бежоска не ги гледала документите за овој и многу други подарени кредити кога вршела надзор над банката? Се работи за стотици ултра ризични кредити за кои раководството на банката ниту почитувало пропишани критериуми за одобрување на кредити ниту управувало со кредитниот ризик. Зошто гувернерката Бежоска не је вршела својата работа за која е законски надлежна и должна да ја врши, а за што е скапо платена од наши пари? Не само што молчела и не го спречила грабежот во банката соодветно и навремено, таа и јавно не лажеше дека нашите депозити се сигурни и безбедни.

Се е јасно. Во Еуростандард банка е направен пустош. Вакви и слични криминални приказни во банката има многу“, соопштуваат од здружението Оштетени штедачи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •