февруари 28, 2021

Eко-свест: На Македонија и треба зeлено сценарио, но не и мали хидроцентрали

Доколку долгорочната визија ни е енергетска транзиција и премин кон обновливи извори на енергија како и 51% намалување на емисиите на стакленички гасови, зошто слушаме изјави за продолжување на рокот на траење на РЕК Битола и гасификација на државата, реагираат од центарот за истражување Еко-свест на вчерашната конференција за медиумите на македонската влада за енергетската транзиција на земјата.

Невладината организација го поздравува афирмирањето на зеленото сценарио од стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, но е загрижена од изјавите на владините претставници кои беа контрадикторни со целите на зеленото сценарио.

-Продолжувањето на рокот на траење на РЕК Битола и гасификацијата само ќе ни ги заробат инвестициите во фосилни горива за чие согорување по 2030 ќе трпиме сериозни финансиски загуби, а истите ќе продолжат да причинуваат штети по здравјето на луѓето и климата дополнително осиромашувајќи нè. Потпишувањето на договорот за грант со KfW потврдува дека имаме и други опции, меѓу кои соларна топлана, кои во иднина ќе ги истиснат фосилните горива. Најавите за скапиот десулфуризатор ги слушаме со години, знаејќи дека е нереална инвестицијата во ваков филтер додека се планира затворање на РЕК Битола, велат од „Еко свест“.

Според нив ова е  првпат  премиерот да зборува за праведната транзиција, но транзицијата не е праведна ако само направиме премин кон обновливи извори на енергија.

-Праведна транзиција значи обезбедување на алтернативен економски развој за регионите зависни на јаглен надвор од индустријата со јаглен. Затоа, најавувањата на нови вработувања во енергетскиот сектор како што слушнавме во обраќањето се нереални и популистички, но се и спротивни на праведната транзиција. Нашите анализи покажуваат дека кичевскиот и битолскиот регион имаат уникатни можности за економски раст и развој надвор од индустријата со јаглен, но планот за праведна транзиција мора да потекне од работниците во локалните заедници. Затоа, не сме убедени дека на државниот врв му е јасно што всушност претставува праведната транзиција и како да ја спроведат, појаснуваат тие.

Тие твдат дека поради оваа нејаснотија граѓаните на оваа земја се оние кои ќе ги трпат најголемите загуби и штети од лоши и некоординирани политики, особено кога станува збор за дозволување изградба на мали хидроелектрани на нашите реки во услови на покачување на глобалните температури и намалување на водните ресурси.

-Во климатската криза во која живееме, сè почесто се соочуваме со сушни периоди, а поради изградбата на малите хидроцентрали губиме вода за пиење и вредни предели и биодиверзитет. Затоа е оправдано што Владата во својата Програма за работа во делот на животната средина планира да воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Но, премиерот на прес конференцијата се обрати со комплетно спротивен став, нарекувајќи ги овие проекти како најеколошки од сите останати еколошки проекти“, соопшти центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •