март 8, 2021

Јанез Јанша останува премиер, го преживеа гласањето за недоверба

Јанез Јанша останува премиер на Словенија откако денеска не помина гласањето за искажување недоверба кон неговата влада. По целодневната дебата во собранието, во која опозицискиот блок партии го предлагаше Карел Ерјавец, претседател на партијата на пензионерите ДеСУС, за нов премиер во постапката наречена конструктивно гласање за недоверба, предлагачите не усепаја да соберат 46 гласа во 90-члениот парламент. Парламентарците гласаа тајно, но само 53 зеле гласачки ливчиња. Освен 40-те што го поддржаа Ерјавец, седумина гласале против, а шест ливчиња биле неважечки.

„Жалам што добивме само 40 гласа, очекував барем уште неколку. Очигледно, времето за промени сè уште не е дојдено, очигледно пратениците се согласуваат со сегашната политика“, рече Карел Ерјавец по гласањето. „Очекував подобар резултат, имавме 42 гласа на првото гласање за недоверба. Очигледно Националното собрание ја поддржува оваа тековна политика, но прашањето е што ќе се случи во следните недели и месеци. Знаеме дека има уште добра година до крајот на мандатот, кога народот ќе одлучи за новата влада. Од терен знаеме дека луѓето се незадоволни. Следните избори ќе бидат часот на вистината“, нагласи Ерјавец, кој во претходните влади беше и министер за одбрана и за надворешни работи.

„Ние сме четириесет кои се грижиме каде оди оваа земја. Најжално е што некои партии не ги презедоа гласачките ливчиња“, рече лидерот на ЛМШ и поранешен премиер, Марјан Шарец. „Имаме чиста совест. Оној што гласаше поинаку сметката ќе ја добие на на изборите. Коалицијата КУЛ, најмалку четири од оригиналните партии на оваа коалиција, ја заврши својата работа, така што нема од што да се срамиме“, рече Шарец.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •