март 3, 2021

Германија делумно ги затвори границите, и покрај противењето на ЕУ

Германија денеска делумно ги затвори своите граници со Чешка, Словачка и австрискиот регион Тирол поради ширењето на новите мутации на коронавирусот, и покрај осудите од Европската унија.

Илјадници полицајци се мобилизирани за строги контроли на границата, што потсетува на првите денови од пандемијата, кога членките на ЕУ ги затворија своите граници, јавуваат локалните медиуми.

Според наводите на германската влада, во случајот на Чешка и Тирол, влез ќе биде дозволен за Германците, странците со живеалиште и престој во Германија, сезонски работници во земјоделството и медицински персонал.

Авиокомпаниите, железницата и автобуските компании веќе не смеат да превезуваат патници од Словачка во Германија. Исклучок се германски државјани и странци кои живеат во Германија.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во Германија ќе може да влезат и брачните партнери, животните придружници, малолетните деца и родители на малолетни деца, но само ако тие заедно ја минуваат границата со германските роднини. Од забраната се исклучени и возачите на камиони и друг персонал во транспортот на стоки. Треба да биде дозволен влез и од ургентни хуманитарни причини, како на пример смртен случај. Сепак, во сите случаи кои се исклучок од забраната, важат правилата за тестирање и карантин.

Европската комисија претходно апелираше до Германија да дозволи исклучоци за луѓето кои патуваат до работното место, но министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер тоа категорично го исклучи. Тој рече дека германската влада нема само немо да посматра „како мутацијата на вирусот се префрла кај нас“. Граничните контроли се болни, но во моментов се неизбежни.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •