март 5, 2021

Во снежните и ладни зимски утра, пригответе го овој појадок

Шпански сендвич омлет во моја верзија. Превкусен оброк, кој може да послужи за појадок, ручек или вечера, можете слободно и гости да чекате со него како топло предјадење. Брзо се прави, брзо се јаде ама долго се зборува за омлетот. 😁

Потребни состојки:
🌼 500 гр компири
🌼 5 јајца
🌼 1 мала главица кромид
🌼 100 гр сланина
🌼 200 гр кашкавал
🌼 100 гр шунка
🌼 зачини по желба (сол, бибер, куркума, чубрица, лук во прав, шарена сол, магдонос)

Начин на подготовка:
Компирите излупени и исечени на коцки се варат во посолена вода додека да омекнат но да не се распаднат, околу 15 минути. Откако ќе се сварат, процедете ги, и во подлабок сад згмечете ги со алатка за пире.
Кромидот исецкајте го и испржете го на малку масло да омекне, додајте го во пирето.
Сланината исечете ја на ситни парчиња и пропржете ја, процедете и додајте ја во смесата. Маста од сланината зачувајте ја, ќе ви треба. 🙂
Во смесата додајте зачини по желба и јајцата разматени со вилушка. Убаво соединете ја целата смеса да биде хомогена.
Во подлабоко нелепливо тавче на умерено ниска температура, ставете го маслото кое го процедивте од сланината. Со кутлач ставете помалку од половина од смесата со компири и јајца, израмнете со шпатула. Ставете половина од кашкавалот, па шунката, па другата половина од кашкавалот и на крај остатокот од смесата со компири и јајца. Убаво израмнете, покријте со капак (може и без), и печете околу 7 минути.
Со помош на поголема чинија, превртете го омлетот и вратете го во тавчето да се испече и од другата страна, краевите поправете ги со шпатула да биде убав круг. Печете уште 5-7 минути, превртете го омлетот на чинија за сервирање и послужете. Звучи малку комплицирано, ама стварно не е! 😁

Наздравје. ❤️

Шеф: Елена Макаловска Јовевска

Повеќе рецепти на Нешто Убаво блог

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •