март 4, 2021

Скандал во Хрватска, елитата се вакцинира преку ред иако нема доволно ни за најранливите

Хрватска ја тресе афера за вакцинирање преку ред во време кога нема доволно вакцини дури ни за најранливите групи во општеството.

Хрватскиот национален штаб за цивилна заштита е масовно критикуван во јавноста откако медиумите открија дека многу членови на политичката и социјалната елита се преку ред вакцинирани против коронавирусот додека земјата се соочува со недостиг од вакцини.

Во Хрватска досега се вакцинирани повеќе лица против коронавирусот што во моментов немаат право на тоа, односно со други зборови, тие се вакцинирале преку ред и му ја одзеле таа можност некому чиј живот е загрозен, вели Ал џезира Балканс.

Станува збор за лица што, според досега презентираните ставки, не спаѓаат во оние што имаат приоритет во вакцинацијата. Прво, вакцинирани се претставници на владата, како и некои членови на парламентот, иако повеќето од нив, според горенаведените критериуми, не требало да го сторат тоа. Некои се одлучиле да се вакцинираат и покрај тоа што неодамна оздравеле од ковид-19.

„Не можам да поверувам дека се случува ова. Шокирана сум од бројот на повици од граѓани, пациенти што постојано ми се јавуваат, мобилниот постојано ми ѕвони, не запира. Зборувам претежно за онколошки пациенти, за хронични постари пациенти, над 75 години, кои не можат да се вакцинираат. Гледаме двојни аршини, двојни стандарди, што е апсолутно неприфатливо“, рече претседателката на Здружението за унапредување на правата на пациентите, Јасна Карачиќ.

Тој додава дека примерите на луѓе што се вакцинирале преку ред покажуваат дека речиси нема добра стратегија за вакцинирање, како и дека општите лекари биле фрлени во оган да се носат кој како знае.

„Пациентите се јавуваат, ја бараат својата доза, со право се јавуваат… И јас самата би сакала вакцина, да ги заштитам мајка ми и татко ми, а не можам. И затоа ме боли кога гледам како се добиваат вакцини на одредени места. Во исто време, нема вакцини за најранливите групи граѓани, како што се хронично болните, кои би можеле да умрат од компликации, луѓето во домовите за стари лица, како и здравствените работници што се во првата борбена линија“, рече Карачиќ.

Против оние што се вакцинирале преку ред на својот фејсбук-профил остро зборуваше и познатиот хрватски психијатар Херман Вукушиќ, кој и самиот прележал ковид-19.

„Сето ова се случува во време кога на државата ѝ се заканува опасен недостиг од вакцини поради сомнителни испораки на договорени дози и контроверзии околу некои нарачани вакцини, а маса постари граѓани (вклучително и моите родители) веќе една година живеат во домашен притвор. Затоа, ваквите неморални постапки не заслужуваат ‘истраги и отчети’ (да, драг Вили, ова е за тебе), туку автоматски санкции и оставки од сите јавни функции“, напиша Вукушиќ, обраќајќи му се и на министерот за здравство Вили Берош.

Поради вакцинацијата преку ред, опозицијата се обедини и побара оставка од целиот национален штаб.

Во Хрватска сè уште не е завршена првата фаза на вакцинацијата на приоритетните лица, која вклучува медицински работници и оние во домовите за стари лица. Од почетокот на епидемијата потврдени се 237.080 заразени лица, од кои 5.282 починале.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •