февруари 28, 2021

Трајанов: Впишувањето на етничката припадност во личните карти води кон нови поделби

Во иднина може да се бара и религиска определба да се впишува во личната карта, но и други каректеристики и обележја за секој поединец или колективитет – предупредува пратеникот Павле Трајанов.

На ниту еден граѓанин досега не му било ускратено правото да ја искаже својата етничка припадност, но барањето за нејзиното декларирање во лична исправа отвора други аспекти, вели за „Дојче веле“ пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз и поранешен министер за внатрешни работи.

Тој повикува пратениците да го преиспитаат ставот околу ваквите предложени измени на Законот за лична карта.

– Без разлика што сите партии застапени во парламентот досега немаа забелешки, а некои еуфорично ги прифаќаат измените, сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие промени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се ‘предвидува’ во иднина стекнување на предност и права поврзани со неа – вели Трајанов.Можеби ќе ве интересира

Тој потенцира дека во предлог-законот воопшто нема компаративни податоци за примена на такво решение, но и дека се отвора простор за други „надградби“ .

– Тоа навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина е нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа, поларизација и поразличен третман. Овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и поделби по таа основа, затворање во етнички гета, поделби, расправии, нетрпеливост на етничка основа. Во иднина може да се бара и религиска определба да се впишува во личната карта, но и други каректеристики и обележја за секој поединец или колективитет – предупредува Трајанов.

Инаку, предлагачи на законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, по скратена постапка, се група пратеници од БЕСА. Тие предлагаат во личната карта да биде запишана и етничката припадност, преку допрецизирање на членот 5 став 2 од законот, со кој се утврдуваат податоците што треба да ги содржи образецот на личната карта.

Досега тие податоци се: презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање на личната карта, датум на важење на личната карта, место на раѓање на граѓанинот, живеалиште и адреса, надлежен орган кој ја издал личната карта, број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •