март 4, 2021

Ќерката на Насер Зибери станала нотар непосредно пред да биде избран за Правобранител

Ќерката на Насер Зибери, Сихара Зибери Шабани била избрана за нотар во Скопје, непосредно пред неговиот избор за Народен правобранител односно додека во Собранието течеше процедурата за избор на нов правобранител, а во јавноста уште тогаш се споменуваше името на Зибери. Од Министерството за правда за Фокус потврдија дека ќерка му на Зибери се пријавила на конкурсот за избор на нотари којшто бил распишан во декември.

-Уште во декември минатата година беше распишан конкурс за повеќе нотарски места, во повеќе градови низ земјава, меѓу кои и за едно место во Град Скопје. Меѓу другите пријавена беше и Сихана Зибери Шабани. Пријавите беа разгледани од страна на посебна комисија во Нотарската комора која потоа ги доставува до Министерството за правда заедно со извештај за спроведен конкурс во кој е наведена листата на кандидати, ни одговорија од Министерството за правда .

На прашање на Фокус до Зибери дали е согласно законите неговата нотарска канцеларија да продолжи со работа со оглед на тоа дека тој е избран за Народен правобранител, Зибери ни одговори дека на негово барање со решение на министерот за правда заклучно со 31 јануари 2020 година му престанало вршењето на нотарската служба.

-Така да мојата нотарска канцеларија е затворена, а друг нотар именуван согласно Законот за нотаријат, кој и да е има право да ја врши нотарската служба во било кој дел од подрачјето на судот за кој е именуван, ни изјави Зибери. На нашето дополнително прашање дали тоа значи дека неговата нотарска канцеларија во Чаир е затворена, Зибери одговори:-Да, нотарската канцеларија на Насер Зибери е затворена.

Фокус се јави на телефонскиот број што е јавно достапен и на којшто може да се стапи во контакт со канцеларијата на Зибери, од каде дознавме дека канцеларијата во Чаир се уште работи на старото познато место.

Зибери беше избран за Народен правобранител на 25 јануари во Собранието и на ова место го наследи Иџет Мемети кој 16 години беше на чело на оваа институција, а после тоа си обезбеди место во Советот на јавни обвинители.

Зибери е правник, со години работеше како нотар, беше поранешен пратеник и министер, а на последните предвремени парламентарни избори беше кандидат за премиер од партијата ДУИ.

Токму тоа беше и најспорно за пратениците од опозициските партии, според кои се работи за „пазарење со кое владејачката партија му враќа на Зибери за неговата услуга да прифати кандидатура за прв премиер Албанец“ на изборите. Иако имаше пријавено повеќе кандидати за избор на Правобранител, сепак уште пред изборот се шпекулираше дека на ова место ќе седне Зибери.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •