март 2, 2021

Демократијата и јавноста

По повод „Јавната“ расправа за Нацрт концепцијата за основно образование во Собранието се прашувам: дали е Јавна расправа да се заобиколуваат институциите и според кое начело Комисијата за образование (според предлог од МОН верувам) ги поканилa учесниците на расправата? Институциите се основа на секоја држава. Институцијата Филозофски факултет (од која започнал развојот на сите степени на образование во нашата земја), на својата седница на Наставно-научниот совет, донесе заклучоци со 74 гласови „За“ и еден глас „Против“ од вкупно 101 наставник (26 беа отсутни). Студентското собрание едногласно донесе заклучоци, кои се застапени со 11 членови во Советот.

Комисијата за образование поканила само една наша „независна“ колешка (инаку лидер на независна организација) која единствено беше против заклучоците на факултетот (четирите професорки вклучени во комисијата немаа храброст да учествуваат на факултетската расправа на вонредниот совет).
Колку што барем јас разбирам, основа на демократијата е плурализмот, а не монизмот!

Дали јавноста треба да биде запознаена со гласот на мнозинството на една Инстиуција или само со гласот на еден „против“ и гласот на четири „кои според нив биле нападнати од политички (а кои за жал се научни) причини“?
Сократ верувал дека знаењето за човекот е најголема доблест, преку која можат да се сочуваат во секоја држава највисоките доблести, а тоа се слободата и демократијата. Но, тие не се дадени еднаш засекогаш, не се соништа или визии од кои не смееме да се откажеме, туку доблести за кои мораме секојдневно да се бориме, ако сакаме да ги сочуваме. Во спротивно, како што многу пати ни докажа историјата, иако тешко се здобиваат, многу лесно се губат.


Како човек кој верува безусловно во „Владеењето на народот“, знам дека штом исчезне демократијата, образованието станува бегалец, бидејќи во тиранијата тоа е речиси и непотребно. Затоа, сите ние мора секојдневно да се бориме за демократијата во нашата држава, бидејќи во спротивно сите ќе станеме бегалци, и ќе талкаме низ светот барајќи други држави каде што ќе може слободно да мислиме, пишуваме и поучуваме.


Филозофскиот факултет отсекогаш бил средиште на критичката мисла. Само преку критика и расправа може да се дојде до вистински и трајни решенија за напластените проблеми во нашето општество. Доколку се слушне гласот на јавноста, сите вклучени во овие реформи ќе разберат дека со тоа им помагаат на своите сограѓани, на мнозинството наставници и ученици, на својата заедница, им ја зацврстуваат вербата во демократијата – во „Владеењето на народот“, во почитта на мислењето на мнозинството!

Автор: Ратко Дуев

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •