март 4, 2021

Шизофренијата втор најризичен фактор за смрт од коронавирус

Американските научници открија дека шизофренијата е втор најризичен фактор за смрт од ефектите на коронавирусот по староста, пишува порталот „Сајанс Алерт“ (Science Alert).

Студијата е спроведена помеѓу март и мај минатата година на 7.350 њујоркчани, кои биле позитивни на коронавирусот, а истражувачите ги следеле 45 дена по дијагнозата. Меѓу нив имало 75 пациенти кои страдале од шизофренија. Студијата покажала дека ризикот од смрт кај овие пациенти е речиси трипати поголем отколку кај пациенти кои не страдале од истото нарушување, откриле истражувачите. Така, во споменатата група субјекти, шизофренијата била на второ место според ризикот од смрт, веднаш зад староста.

Шизофренијата е ментално нарушување кое ја менува перцепцијата на пациентот за реалноста и влијае на неговото расположение. Тоа може значително да го наруши нивниот имунолошки систем, така што ова е можна причина за ранливост на коронавирусот, тврдат авторите на студијата.

„ Нашите резултати покажаа дека луѓето со шизофренија се екстремно ранливи на ковид“, рече психијатарот Катлин Немани од Медицинскиот центар „Лангоне“ на универзитетот во Њујорк.

„ Овие се алармантни резултати. Овие пациенти се и онака меѓу најранливите членови на општеството за кои повеќето здравствени системи во светот не се грижат доволно”, рече Том Полак, психијатар од Кингс колеџот во Лондон, кој не учествуваше во студијата.

Другите експерти кои не биле вклучени во студијата се повнимателни со заклучоците и веруваат дека резултатите од студијата може да се објаснат со други истовремени болести, како што се дебелината на која се склони шизофрениците.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •