мај 16, 2021

Нацоски ќе испрати „24 илјади бакнежи“ на концертот за Денот на вљубените

Филхармонија в сабота,13 февруари, од 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, кој годинава е насловен „24 илјади бакнежи“. Солист на концертот ќе биде тенорот Благој Нацоски, кој доаѓа специјално за овој концерт од Италија, и младата вокалистка Светланата Јовановска. Ќе настапи и хор, а во рамки на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.

На програмата се љубовни песни, како „Еден бакнеж“, „Beautiful Maria“, „Ne me quitte pas“, а насловот на концертот е извлечен од песната „24.000 baci“ која, исто така, ќе биде изведена.

– Напишана е во 1961 година од Е.Леони, П.Виварели, Л.Фулчи и А.Челентано. Премиерно била изведена на фестивалот „Сан Ремо“ во изведба на Адриано Челентано и Литл Тони и го освоила второто место. Се смета за прва рокенрол песна која влегла во конкуренција за наградата, воедно и за композиција која ја потретира младината во времето на сексуалната револуција, соопшти Филхармонијата.

Концертот ќе го води диригентката Дијана Имери-Илкоска, која дипломираше на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрираше во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година. Таа изјави дека програмата е специјално избрана со дел од најубавите љубовни теми.

– Постарите ќе можат да се вратат во младоста, а помладите да чујат како звучеа љубовните песни во минатото. За мене е особено задоволство да се работи со нашата Филхармонија, како и со одличните солисти Благој Нацоски и Светлана Јовановска со кои заедно, се надевам, ќе успееме да ја пренесеме нашата љубов во ова време во кое љубовта ни е особено потребна, вели диригентката Имери-Илкоска.

Концертите за Денот на вљубените повеќе години се традиционална содржина на Филхармонијата. Концептуално се различно обликувани од стандардната програма и најчесто имаат популарен карактер.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •