јуни 22, 2021

Историски прашања да не се вметнуваат како услов – ЕУ не е арбитер, порачуваат шефовите на дипломатиите на Словачка и Чешка

Прифаќањето на бугарските барања би значело големо отстапување од принципите според кои досега се регулираше процесот на проширување и се дел од подобрениот процес на преговори – транспарентност и предвидливост, пишуваат во заедничката колумна во „ЕУ спсервер“

Денеска токму шефот на словачката дипломатија Иван Корчок е во работна посета на земјава. Освен средбата со неговиот колега Бујар Османи, тој ќе се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев

ЕУ не е тука да утврдува кој е во право, а кој не во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот. ЕУ е заснована на единство во различноста, не на проценка и категоризација. Отворените билатерални прашања за историјата треба да се решаваат билатерално. Тоа не е краток или лесен процес, но може да се направи, а ние го знаеме тоа од сопствено искуство.

Ова го порачуваат министрите за надворешни работи на Словачка и Чешка, Иван Корчок и Томаш Петричек, во заеднички став објавен денеска на „ЕУ опсервер“, а во кој ги објаснуваат мотивите што нивните две држави во декември 2020 одлучија да го блокираа усвојувањето на заклучоците за проширување на Западен Балкан во Советот на ЕУ бидејќи не се согласуваа во нив да биде вметнато „погрешното толкување на историјата“.

Тие се уверени дека пречките ќе се надминат и во текот на португалското претседателство со Советот на ЕУ ќе може да се направи чекор понатаму – постигнување консензус за усвојување на преговарачките рамки за Република Македонија и Албанија.

„Бевме принудени да постапиме така за да спречиме историските прашања да се вметнат во проширувањето и ЕУ да се стави во улогата на арбитер. На силна ЕУ ѝ треба силно и стабилно соседство. Тоа секогаш беше една од клучните цели на проширувањето на Унијата – да им се помогне на земјите кои имаат шанса за членство да го прифатат правото и вредностите на ЕУ, како и да им се понуди партнерство на еднаквост“,

објаснуваат двајцата шефови на дипломатиите за блокадата на заклучоците.

Корчок и Петричек нагласуваат дека нивниот фокус сега се земјите од Западен Балкан за да се обезбедат безбедност и стабилност.

„Треба да ја одржиме отворена нивната европска перспектива. Спротивното би значело отворање на вратите за надворешни сили кои се желни да се пробијат таму и да го дестабилизираат европскиот проект. Затоа ние отсекогаш сме силни поддржувачи на процесот на проширување, тоа не ги прави само нашите соседи посилни и побезбедни, туку и нас“,

пишуваат двајцата министри кои понатаму ја споменуваат Република Македонија како пример за земја која добива мешани сигнали од ЕУ.

Оваа земја, велат тие, веќе 15 години е во центарот на двосмисленоста на ЕУ.

„Со текот на времето, таа ги исполни сите побарани услови, дури и најтешкото поврзано со нејзиното име. Се сомневаме дека која било друга земја членка на ЕУ во моментов би имала капацитет и желба да го направи истото. Сепак, ветената награди за отворање на пристапните преговори не се оствари“,

пишуваат Корчок и Петричек.

Бугарските барања за историските толкувања тие ги сметаат за изненадувачки и сметаат дека нивно вметнување во преговарачката рамка како дел од критериумите за пристапување ја ставаат ЕУ во улогата на судија за историските толкувања, односно ја доведуваат во позиција да одлучува за тоа што е правилно, а што погрешно толкување за историјата во изминатите стотици години на Балканот.

„Ова (прифаќањето на бугарските барања) би значело големо отстапување од принципите според кои досега се регулираше процесот на проширување и се дел од подобрениот процес на преговори – транспарентност и предвидливост. Затоа не поддржуваме никакви насоки со кои би се санкционирало погрешното толкување на историјата. Обврската Република Македонија да го поправи наводното погрешно толкување, не е прифатлива. Вакви дополнителни услови ќе го отворат патот во иднина да има и други билатерални побарување, кои имаат потенцијал да го комплицираат целиот процес во годините или дури и децениите што доаѓаат“,

пишуваат шефовите на дипломатиите на Словачка и Чешка.

Тие нагласуваат дека доколку ЕУ не успее да ги испочитува сопствените принципи и да ги оствари своите ветувања, тоа би било пропуштена шанса за Унијата.

Од друга страна, сметаат дека со ова корист би имала националистичката реторика во регионот што нема да ѝ биде од интерес на Унијата и што може да предизвика повеќе опасност, притоа не исклучувајќи и конфликти.

„Потребен е директен и јасен процес кој се базира на мерливи критериуми, јасни заложби и политичка волја. Условите се многу на број, процесот на пристапување веќе е сложен и мора да избегнеме вметнување елементи што вклучуваат висок степен на толкување и емоции“,

велат Корчок и Петричек.

Денеска токму шефот на словачката дипломатија Иван Корчок е во работна посета на земјава. Освен средба со неговиот колега Бујар Османи, тој ќе се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбите ќе се разговара за билатералните односи меѓу двете земји, можностите за нивно унапредување во сите области од заемен интерес, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план. Се очекува да бидат отворени и темите за евроинтегративните процеси на нашата земја, соработката во рамки на НАТО и другите меѓународни организации.

Посетата на словачкиот министер е во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан и ангажманите на Словачка за обезбедување европска перспектива за регионот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •