март 7, 2021

ЕВН Македонија: Бришењето на каматите за старите долгови не е решение на проблемот

Отписот на каматите на долговите што граѓаните ги имаат кон општинските и државните институции е можен само со соодветно законско решение, согласни се познавачите. За дел од граѓаните, ова решение е добра можност да се решат од натрупаните комунални сметки, други пак, се скептични и велат дека тој што и сега не плаќа, нема да може да плаќа и на рати, бидејќи ќе стигнуваат и тековните сметки.

Бришењето на каматите е едно од решенијата што ќе влезе во петтиот пакет антикризни мерки. Сепак, скептицизмот се јавува поради прашањето на кој начин ќе се изведе оваа операција.

-Има многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, заради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Со законско решение тоа е можно – рече премиерот Заев.

Првичните најави се  дека ќе се бришат каматите на долговите постари од три месеци, но главнината ќе мора да се плати на 12 рати. Граѓаните, на овој начин, ќе можат да се ослободат од каматите на сметките за вода и ѓубретарина, за кирија во општествен стан, даноци кон државата, итн. Отписот на каматите не ги засега банките, а граѓаните најмногу ги интересира дали ќе се бришат и каматите на сметките за струја.

-ЕВН Македонија, како што беше случајот и во неколкуте претходни иницијативи поврзани со оваа проблематика, се залага за комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Во тој поглед, сметаме дека делумен отпис на побарувања, односно само на каматите на дел од побарувањата, нема значително да придонесе кон решавањето на проблемот со заостанатите долгови на корисниците. Доколку има официјална одлука, ќе ја разгледаме и ќе размислиме – велат од компанијата.

Ова ќе биде втор пат во државата да се спроведува ваква слична операција. Собранието, лани во февруари, донесе закон со кој се предвиде бришење на каматите и плаќање на шест до 48 рати на долговите, кои се дадени на извршување до крајот на 2017 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •