мај 16, 2021

ШТО ПРЕДВИДУВА НОВАТА ОБРАЗОВНА КОНЦЕПЦИЈА?

Предметот општествени науки, од прво до трето одделение ќе се преименува во човек и општество, а од четврто до деветто, историја и општество, најави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Со новата образовна концепција, како што вели министерката, се предвидува нов наставен план, според кој во основните училишта ќе има осум или девет задолжителни и поголем број изборни предмети, поделени во две групи. Едната ќе биде мајчин јазик и општествени науки, додека пак во втората група задолжителни се планира да бидат предмети кои покриваат уметничко образование, физичко образование и технолошко-информатичко образование.

Според најавите, ќе се изучува и сексуалното образование во основните училишта, но како изборен предмет во деветто одделение. Се планира од септември да има подготвени учебници за прво и трето одделение, односно во оние генерации каде е планирано да почне реформата.

„Учениците ќе учат историја, стравот кај граѓаните е неоснован, со новиот концепт историските настани ќе се изучуваат подлабоко. Предметот општествени науки преоѓа во наслов Човек и општество од 1-во до 3-то одделение, а Историја и општество од 4-то до 9-то одделение. Реформата не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање. Концепцијата за основното образование не ја пишува министерот тоа го прават експерти кои ја доставуваат до министерството, а ја потпишува министерот“ – вели Царовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека угледни научници и професори потврдуваат дека реформите на министерката Царовска се несериозни и недозволиви. Од партијата укажуваат на тоа дека се откриени бројни недоследности и системски пропусти што јасно укажува на тоа дека предложената Концепција не ги решава вистинските проблеми во основното образование.

„Апелите на повеќето универзитетски професори беа предложената концепција да се повлече и да се креира нова на соодветен и транспарентен начин со учество на сите релевантни институции од образовниот систем во Македонија, а не само претставници од невладиниот сектор и избрани политички подобни поединци. Се инсистираше на зачувување на посебните предмети, особено предметот историја., за што беа понудени со факти и компаративни анализи поткрепени образложенија“ – рече Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

Своите ставови за Нацрт-концепцијата вчера ги изнесоа учесниците на целодневната јавната расправа. Некои дадоа поддршка, некои беа резервирани со барање за одложување додека пак некои се залагаат за целосно повлекување.

Нацрт-концепцијата за основно образование, за која надлежните тврдат дека предвидува издржани реформи што водат кон поквалитетно образование, во изминатите два месеца, откако беше јавно презентирана, предизвика низа реакции од одредени институти и здруженија, кои бараа реформа низ подолготраен процес и посериозна стручна и академска расправа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •